Ќерката на 𝟪𝟢-годишната жена, која почина кога крузер ја остави на оддалечен остров, ја обвини бродската компанија за „недостиг на грижа и недостиг на здрав разум“. Телото на Сузан Рис беше пронајдено на островот Лизард, кај Големиот Корален Гребен, еден ден откога таа не се врати на бродот од организирано планинарење, објави Би-би-си.
Кетрин Рис изјави дека е шокирана и тажна што бродот Coral Adventurer испловил без мајка ѝ, која ја опиша како здрава, активна и страсна планинарка и градинарка.
„Од она малку што ни беше кажано, се чини дека имало недостиг на грижа и здрав разум“, рече таа во четвртокот.
Сузан Рис од Нов Јужен Велс наводно била на првата етапа од 60-дневното крстарење околу Австралија, кое тргнало од Кернс претходно оваа недела. Патниците, кои плаќаат десетици илјади долари за патувањето, биле однесени на ексклузивниот остров на еднодневен излет, кое вклучувало планинарење и нуркање.
Рис се придружила на групно искачување до највисокиот врв на островот, Кукс Лук, но била одвоена од остатокот од групата бидејќи ѝ требало одмор.
„Полицијата ни кажа дека бил многу жежок ден и дека на мајка ми не ѝ било добро додека се искачувала по ридот“, рекла ќерка ѝ Кетрин. „Бела замолена да се симне без придружба. Потоа бродот отпловил, очигледно без да го провери бројот на патниците. Во одреден момент од тој процес, или кратко потоа, мама починала, сама“.
Кетерин додаде дека се надева оти истрагата ќе открие што требало да направи компанијата за да може да го спаси животот на мајка ѝ.
Австралиската агенција за поморска безбедност потврди дека го истражува смртниот случај и дека ќе се сретне со екипажот на бродот кога ќе пристигне во Дарвин подоцна оваа недела.
Портпаролот на Агенцијата за поморска безбедност изјави дека капетанот на бродот првпат ги известил за исчезнувањето на жената околу 21 часот по локално време во саботата. Тим за пребарување се вратил на островот неколку часа подоцна, но потрагата била прекината во раните утрински часови во неделата. Кратко откога потрагата продолжила, хеликоптер го пронашол нејзиното тело наутро.
Главниот извршен директор на Coral Expeditions изјави во средата дека компанијата длабоко жали за смртта и му нуди поддршка на семејството Рис. „Тесно соработуваме со полицијата на Квинсленд и другите власти за да ја поддржиме нивната истрага. Не можеме да коментираме понатаму додека овој процес е во тек“, рече Марк Фифилд.
фото: принтскрин
Текстот (Видео) Крузер остави жена на австралиски остров, таа почина: семејството ја обвини компанијата за небрежност е превземен од МАКФАКС.






