Десетици китови се насукаа на Северниот остров во Нов Зеланд, а спасувачите се обидуваат да ги вратат преживеаните во морето. Оваа информација во четвртокот ја потврди Министерството за зачувување на природата, пренесува Ројтерс.
Најмалку 20 делфини беа пронајдени на брегот кај Нгави, во близина на Кејп Палисер – најјужната точка на Северниот остров.
Операција за спасување
Од Министерството соопштија дека ја спроведуваат операцијата за спасување во соработка со локално маорско племе и организацијата „Проект Џона“ (Project Jonah), која е специјализирана за спасување морски цицачи. Досега, спасувачите успеаја да вратат две од животните во морето.
Според локалните жители, дури 50 китови се насукале во текот на ноќта. Повеќето не преживеале; волонтерите сега се обидуваат да ги одржат во живот преостанатите единки, одржувајќи им ја кожата влажна со помош на кофи со вода и крпи.
„Глетката е ужасна. Оние што се сè уште живи, едвај дишат“, изјави Роб Барг, жител на Нгави.
Од „Проект Џона“ на Фејсбук објавија дека четири кита се сè уште живи. Тие планираат да се обидат да ги вратат во океанот за време на плимата.
Причината останува непозната
Насукувањата се честа појава во Нов Зеланд и соседна Австралија, каде што големи популации на китови живеат во длабоките океански води. И покрај тоа, точната причина поради која овие животни се насукуваат останува непозната.
Текстот (Видео) Масовно насукување на китови на Нов Зеланд: спасувачите се обидуваат да ги спасат преживеаните е превземен од МАКФАКС.




