(Видео) Министерката пристигна со бебето на состанокот на министрите на ЕУ: „Партнерот не ми е диносаурус“

(Видео) Министерката пристигна со бебето на состанокот на министрите на ЕУ: „Партнерот не ми е диносаурус“

пред 6 часа

Министрите од земјите членки на Европската Унија, кои денеска се собраа на долга расправа за климатските политики, добија невообичаен учесник на преговарачката маса – тримесечно бебе.

Шведската министерка за клима и животна средина, Ромина Пурмоктари, на состанокот на Советот на ЕУ во Луксембург го поведе својот син Адам, со цел да покаже дека политиките за родителско отсуство можат да им овозможат на жените да не мора да избираат меѓу работата и семејството.

„Сакав со пример да покажам дека не е потребно да се избира. Секако, за тоа е потребен и партнер кој не е диносаурус, туку некој што е модерен и подготвен да биде покрај тебе“, изјави Пурмоктари за Ројтерс.



Претставник на Советот на ЕУ потврдил дека, според нивните сознанија, ова е првпат бебе да присуствува на состанок на министрите на Европската Унија.

Пурмоктари (30) беше најмладата министерка во историјата на Шведска кога ја презеде функцијата во 2022 година. Таа неодамна се вратила од родителско отсуство, додека нејзиниот сопруг е на отсуство до шведските избори во септември и отпатувал со неа во Луксембург за да се грижи за нивниот син Адам.

Родителското отсуство беше една од главните теми во шведската изборна кампања. Шведска има една од најдарежливите политики за родителско отсуство во светот, финансирана преку систем на високи даноци. Родителите имаат право на околу 16 месеци платено отсуство, од кои 90 дена се резервирани за секој родител поединечно и не можат да се пренесат на другиот. Ако родителот не ги искористи тие денови, тие пропаѓаат.

Овие непреносливи денови, често нарекувани „татковски месеци“, се воведени за да се поттикнат татковците да поминуваат повеќе време со своите деца. Пурмоктари смета дека токму оваа политика, заедно со поддршката од нејзиниот тим, придонела да биде многу помалку контроверзно тоа што нејзиниот сопруг се грижи за Адам додека таа работи.

Министерката нагласи дека ваквите политики не се сведуваат само на финансирање подолго родителско отсуство, туку ги повика владите да размислат и за пофлексибилни правила за делење на отсуството меѓу родителите, како и за подостапна грижа за децата.

„Тоа создава голема вредност која не треба да се потценува. Таа можеби не е секогаш економска, но на крајот може да биде и економска, бидејќи не оставаме исцрпени работници“, рече таа, осврнувајќи се на предизвиците со кои се соочуваат многу родители во усогласувањето на работните и семејните обврски.

Заменик-министерот за клима на Полска, Кшиштоф Болеста, изјави дека присуството на бебето на политичкиот состанок не претставувало никаков проблем.

„Мислам дека тоа е одлично. Тоа не е хендикеп, туку едноставно дел од животот“, изјави тој за Ројтерс.

Текстот (Видео) Министерката пристигна со бебето на состанокот на министрите на ЕУ: „Партнерот не ми е диносаурус“ е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top