Маскирани лица се судрија со полицијата на вечерашниот протест во Љубљана. Словенечките медиуми пренесуваат дека не се знае кој стои зад протестите, а организаторите на петочните антивладини протести се оградија од денешниот настан.
Маскирана група луѓе се судри со полицијата на Плоштадот Република, а целата ситуација се претвори во драма, пишува „Дело“. Полицијата употребила водени топови и солзавец за да ги растера демонстрантите, а на местото на инцидентот пристигнал министерот за внатрешни работи Алеш Хојс.
Според словенечкиот весник, демонстрантите биле поделени во групи и се судриле со полицијата на неколку различни локации. Се слушнале неколку експлозии, а еден новинар бил повреден. Сведоци тврдат дека меѓу демонстрантите имало и навивачи на фудбалски екипи, пренесува „Дело“.
Медиумите јавуваат дека демонстрантите фрлале кон полицијата со бетонски плочи.
„Поп ТВ“ јавува дека три лица биле повредени, а две од нив биле пренесени во болница. Не е познато дали некој од полицајците е повреден.
„Дело“ пишува дека не е познато кој стои зад протестите овој пат. Повикот бил објавен на социјалните мрежи од групата Анонимна Словенија, а Движењето на свесни жители, исто така, повикало на протест пред парламентот. Двете движења се оградија од насилството.
Се огласија и организаторите на антивладините протести што се одржуваат секој петок. Тие тврдат дека „четврток не е петок“ и дека немаат никаква врска со денешниот протест.