(Видео) Оклопни возила пред парламентот, јајца и брашно врз пратениците, употребени водени топови: општ хаос во Албанија

(Видео) Оклопни возила пред парламентот, јајца и брашно врз пратениците, употребени водени топови: општ хаос во Албанија

пред 5 часа

Продолжуваат протестите пред албанскиот парламент, каде што граѓаните се собраа да протестираат против албанскиот премиер Еди Рама и неговата влада, одговарајќи на повикот на организаторот за одржување протест паралелно со пленарната седница на собранието.

Според албанските медиуми, полицијата употребила солзавец, спреј со бибер и водени топови.

Граѓаните се собраа пред собранието од раните утрински часови, а веднаш по почетокот на седницата околу 10 часот, беа регистрирани првите инциденти, вклучувајќи фрлање јајца и брашно врз пратениците и обиди за пробивање на полицискиот кордон, пренесува „Коха“.

Граѓаните носеа транспаренти со пораките „Време е за будење“ и „Една нација, еден глас, една иднина“, додека некои демонстранти влегоа и во блискиот ресторан каде што беа пратениците и ги гаѓаа со јајца и брашно.

Ситуацијата дополнително ескалираше по завршувањето на пленарната седница, кога демонстрантите ги блокираа влезовите и излезите на парламентот, спречувајќи го поминувањето на службените возила.

За да се воспостави контрола врз ситуацијата, полицијата интервенираше со употреба на солзавец, спреј со бибер и водени топови, формирајќи безбедносен коридор за возилата да ја напуштат зградата на парламентот, објавува „Албанска пошта“.

За време на интервенцијата, се појавија нови тензии, а демонстрантите извикуваа слогани и фрлаа предмети кон полициските сили, додека полицијата приведе неколку лица, но официјалниот број на приведени не беше објавен.

Според медиумите, осум лица се приведени.

Ситуацијата дополнително се влоши кога дел од демонстрантите се обидоа да ја пробијат металната ограда и полицискиот кордон околу собранието.

Во судирите беа повредени тројца полицајци, кои беа пренесени во болница за да добијат медицинска помош, додека неколку демонстранти побараа и медицинска помош поради последиците од употребата на солзавец, според написите.

Безбедносните мерки околу парламентот беа зголемени уште пред почетокот на седницата, вклучително и распоредување на оклопни возила и водни топови.

И покрај немирите пред зградата, парламентот работеше според дневниот ред, беа усвоени неколку закони и беа дискутирани активностите на независните институции.

Пратеничката група од опозициската Демократска партија на Албанија соопшти дека ја бојкотира седницата, обвинувајќи го мнозинството дека го користи присуството на полицијата за „замолчување на граѓаните што протестираат“.

Според албанските медиуми, протести и помали инциденти беа забележани и претходниот ден пред парламентот, кога имаше физички судири и фрлање пиротехнички средства.

Текстот (Видео) Оклопни возила пред парламентот, јајца и брашно врз пратениците, употребени водени топови: општ хаос во Албанија е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top