(Видео) Приведени 121 демонстрант на протестите низ Франција, полицијата употреби солзавец и водени топови

(Видео) Приведени 121 демонстрант на протестите низ Франција, полицијата употреби солзавец и водени топови

пред 25 минути

Француската полиција привела 121 лице за време на денешните протести во повеќе градови низ земјата, соопшти Министерството за внатрешни работи. Според официјалните податоци, на демонстрациите учествувале околу 106.000 луѓе, додека синдикатите проценуваат дека на улиците излегле околу 200.000 граѓани.

Во Париз биле приведени 22 лица, меѓу кои и тројца малолетници. Приведувањата главно биле поради носење оружје од категоријата Д, навреди и прекршување забрани за присуство на одредени места или учество на демонстрации, пренесува БФМ ТВ.

Според Министерството, во француската престолнина протестирале околу 24.000 луѓе, додека младинските синдикати проценуваат дека бројот бил близу 100.000.

Низ Франција биле организирани повеќе од 60 протестни собири. Во Париз истовремено се одржувале три одделни демонстрации – против предлог-законот за претпоставена законитост на употребата на оружје од припадниците на безбедносните сили, меѓународен марш против насилството врз децата и протест на движењето „Жолти елеци“ против растот на трошоците за живот.

Напнато било во Париз, Бордо, Нант, Лион и Руан. На плоштадот „Нација“ во Париз полицијата употребила солзавец за да ги растера демонстрантите, по што меѓу насобраните избила паника.

Во Нант полицијата употребила водени топови, додека во Бордо имало судири при кои поединци фрлале предмети кон полициските службеници.

Во Тулуз, според организаторите, протестирале околу 6.000 луѓе, додека полицијата проценила дека имало 1.800. Собирот таму поминал без инциденти.

Текстот (Видео) Приведени 121 демонстрант на протестите низ Франција, полицијата употреби солзавец и водени топови е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top