(Видео) Пукање во близина на Белата куќа: eдно лице загина, најмалку четворица се повредени, напаѓачот се забарикадирал

(Видео) Пукање во близина на Белата куќа: eдно лице загина, најмалку четворица се повредени, напаѓачот се забарикадирал

пред 56 минути

Едно лице загина, а најмалку четворица се повредени во пукање на повеќе локации во населбата Логан Серкл во Вашингтон, на околу километар и половина од Белата куќа. Полицијата почна голема операција, а според последните информации, напаѓачот се забарикадирал во зграда во близина на фитнес-центар, пренесуваат американските медиуми.

Според „Ен-би-си њуз“, кој се повикува на двајца високи полициски службеници запознаени со случајот, осомничениот се забарикадирал во објект во близина на Логан Серкл, а полициската интервенција сè уште трае.

Вашингтонската полиција издаде итно предупредување до граѓаните да го избегнуваат подрачјето околу раскрсницата на 15. улица и улицата П, во северозападниот дел на градот.

Околните улици се блокирани, а блиските училишта се затворени и обезбедени додека трае полициската операција. Во интервенцијата учествуваат и агенти на федералното Биро за алкохол, тутун, огнено оружје и експлозиви (ATF).

Жител на блиска зграда, Рајан Дубицки, раскажал дека околу осум часот наутро по локално време слушнал приближно пет силни истрели.

„Беа прилично временски оддалечени, па помислив дека станува збор за градежни работи“, изјавил тој.

Набргу потоа, како што раскажал, насекаде имало полицајци, а управата на неговата зграда испратила предупредување до станарите за можен вооружен напаѓач.

Портпаролката на полицијата, Никол Динер, потврдила дека инцидентот опфаќа пошироко подрачје, но дека точните локации на пукањето сè уште се утврдуваат.

На социјалните мрежи се појавија и информации дека напаѓачот пукал кон полицајци и предизвикал пожари на повеќе локации, но овие тврдења засега не се независно потврдени.

Текстот (Видео) Пукање во близина на Белата куќа: eдно лице загина, најмалку четворица се повредени, напаѓачот се забарикадирал е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top