Кризата околу Украина одново ескалира. Руските и белоруските трупи денеска започнаа голема воена вежба наречена „Одлучност на унијата“. Името алудира на „Државната унија“ на Белорусија и Русија – двете земји под тој назив договорија блиска соработка на воено поле во 2021 година.
Западните земји, пак, стравуваат дека движењето на војниците може да биде само маска за планирана инвазија на соседна Украина. Меѓутоа, Москва и Минск го негираат тоа, пишува „Дојче веле“.
Ваквите заеднички воени вежби на Русија и Белорусија не се невообичаени. Најчесто се организираат наесен и се најавуваат половина година однапред. Овој пат белорускиот лидер Александар Лукашенко на крајот на минатата година само навести дека ќе се одржи воена вежба.
Официјално соопштение со детали следеше дури кон средината на јануари. Ништо не се знае за инаку вообичаената практика за поканување на странски набљудувачи на воени вежби од ваков тип.
Истовремено низ Русија се одржуваат и други воени вежби во кои се вклучени стратешки единици со атомско вооружување. Размерот на ангажираните трупи е меѓу најголемите од крајот на Студената војна. Рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу како цел на вежбите ја наведе воената безбедност на двете земји и борбата против тероризмот.
$bp(“Brid_44507937”, {“id”:”26456″,”width”:”800″,”height”:”400″,”video”:”953583″,”autoplay”:0,”shared”:true});
Во моментот кај аналитичарите е актуелно прашањето дали овие воени маневри можат да се претворат во руски напад врз Украина? Западните земји стравуваат дека тоа е можно, а и Киев не ја исклучува таа можност.
Според руското Министерство за одбрана, вежбите се одвиваат на пет полигони, главно на западот и југозападот на Белорусија, недалеку од полската и украинската граница. Не е познато колку војници се ангажирани.
Аналитичари блиски до некои руски организации пишуваат дека „толку многу руски војници не биле на белоруска почва во целокупната постсоветска ера“. Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, проценува дека таму има околу 30.000 војници.
Војници и модерна технологија во Белорусија биле донесени дури и од Сибир и од далечните источни делови на Русија. Потврдено е дека на вежбата учествуваат и борбени авиони „сухој су-35“, кои се меѓу најдобрите во руското воено воздухопловство.
Тука е и противвоздушниот и противракетниот систем С-400, кој погодува цели во опсег од 400 километри, како и „панцир С“, систем за противвоздушна одбрана со среден и краток дострел кој во модерното војување се користи главно против беспилотни летала.
НАТО наведува дека на вежбата ќе се појави и ракетниот систем „искандер“, но Русија тоа не го потврди. Руски извори најавуваат учество на падобрански единици, маринци и артилерија. Волфганг Рихтер, воен аналитичар во Фондацијата за наука и политика, вели дека тоа е „сеопфатна вежба во која може да се вежбаат и одбрана и напад“.
Не е јасно дали во вежбата ќе учествуваат и единици со нуклеарно оружје. Руски извори наведуваат дека стратешкиот бомбардер „тупољев ту-22М3„ ќе патролира во Белорусија непосредно пред почетокот на вежбата. За Волфганг Рихтер ваквите патролни летови не се невообичаени: „Тоа го прават и САД, тоа се политички сигнали“.
Белорускиот Генералштаб соопшти дека руските војници ќе ја напуштат земјата по вежбата. Ова го потврди и Дмитриј Песков, портпарол на рускиот претседател Владимир Путин: „Војниците ќе се вратат во своите бази“.
Засега не е јасно дали тоа важи и за оружјето и опремата што се испорачани. Претходно, Лукашенко изјави дека Белорусија со задоволство ќе набави модерно оружје од Русија, вклучувајќи го и противвоздушниот и противракетниот систем С-400.