(Видео) Шумски пожари беснеат во близина на Марсеј: „Ситуацијата е загрижувачка“

(Видео) Шумски пожари беснеат во близина на Марсеј: „Ситуацијата е загрижувачка“

пред 13 часа

Шумскиот пожар, кој стигна до северозападните предградија на вториот по големина град во Франција, Марсеј, го изгуби својот интензитет преку ноќ, но пожарникарите сè уште се борат со пламените јазици.

На жителите на кои вчера им беше кажано да останат во своите домови поради сопствена безбедност, повторно им е дозволено да излегуваат.

„Со оглед на тоа што пожарот на север од Марсеј сега очигледно е под контрола, можеме да објавиме утрово дека 16-тиот арондисман повеќе не е во карантин“, изјави градоначалникот на Марсеј, Беноа Пајан.

„Додека службите за итни случаи работат напорно, ги повикувам сите жители на Марсеј во областа да бидат исклучително внимателни“, рече тој.

Мартин Васал, раководител на регионалниот совет, рече дека пожарникарите работеле цела ноќ за да го стават под контрола пожарот, за кој, според неа, сè уште е причина за загриженост. „Не е завршено. Временските услови нè загрижуваат“, изјави Васал за телевизијата БФМ.

Локалните власти изјавија дека аеродромот во вториот по големина град во Франција би можел да биде затворен за комерцијални летови за да им се даде приоритет на воздушните ресурси ако пожарот повторно се разгори. Прерано е стотици жители, кои избегаа од пожарот, да се вратат, изјавија властите.

Стотици пожарникари, потпомогнати од хеликоптери и авиони, се борат со пламените јазици, кои се разгоруваат од ветрови до 70 км/ч испраќајќи облаци чад над јужниот крајбрежен град. Официјалните лица изјавија дека пожарот е предизвикан од автомобил кој се запалил.

Текстот (Видео) Шумски пожари беснеат во близина на Марсеј: „Ситуацијата е загрижувачка“ е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top