Во Словенија приведен маж, седум пати се вакцинирал во име на други лица

пред 3 години

Во Словенија е приведен маж кој во последните два месеци седум пати бил вакциниран против Ковид-19, а кривично ќе одговараат уште четворица, на чие име бил вакциниран за да добијат потврди за коронавирус.

Тие се товарат за манипулација при вакцинација со што намерно ги довеле во заблуда здравствените власти, а тие на невакцинираните им издале потврда иако не биле вакцинирани, објавија тамошните телевизии.

„Оној што ќе добие лажна потврда од надлежен државен орган или од нотар што може да послужи како доказ во правен промет, може да се казни со затвор до три години“, предупредуваат од полицијата во соопштението до медиумите и додаваат дека доколку познаваат лица кои користеле или издале таков сертификат, исто така, може да бидат казнети за манипулација со податоци.

Полицијата соопшти дека четворица мажи кои не сакале да се вакцинираат, за пари ангажирале лице со социјални проблеми, кое се вакцинирало во различни центри за вакцинација користејќи го нивниот здравствен документ, а бил уапсен кога по осми пат се пријавил за вакцинација и сега е во притвор.

„Лицето за ваквиот чекор добило ниска парична награда од останатите четворица осомничени, кои ги искористиле неговите проблеми и околностите во кои живее и го навеле на кривичното дело, не земајќи го предвид неговото здравје“, соопшти полицијата.

Здравствените власти засега не коментираат колку повеќекратните вакцини би можеле да бидат опасни надвор од препораките и какви последици може да сноси лицето што постапува на тој начин.

Првите случаи со сличен фалсификат во Словенија се забележани во септември, во Љубљана, каде беа пријавени неколку лица на кои им бил потребен ковид сертификат, а не сакале да се вакцинираат и за таа цел ангажирале други лица и им платиле. Работата ја преземале луѓе од маргините, бездомници или зависници, а за една добиена доза добивале околу 150 евра.

Share
Scroll to Top