Израел подготвува воздушен и поморски транспорт за да ги врати дома своите граѓани заглавени во странство по нападот врз Иран во петокот и затворањето на неговиот воздушен простор, објави министерката за транспорт.
„Првиот чекор беше да се испратат сите израелски авиони во странство за да се спречи нивно оштетување, бидејќи тогаш немаше да имаме никакви средства за репатријација на луѓето. Тој чекор е завршен. Следниот чекор е постепено враќање на Израелците“, рече Мири Регев за време на посетата на местото на иранскиот напад во центарот на земјата.
„Има помеѓу 100.000 и 150.000 Израелци во странство“, рече министерката, додавајќи дека нејзината канцеларија отворила морска рута од Кипар и Грција.
Израелската авиокомпанија „Ел Ал“, која објави прекин на сите летови во петокот, во вторникот соопшти дека се подготвува за летови за спасување почнувајќи од среда.
Авионите на „Ел Ал“ ќе полетаат од Ларнака на Кипар, Атина, Рим и Милано во Италија и Париз, рече таа.
Израелскиот нискобуџетен превозник „Аркија“ исто така најави специјални летови почнувајќи од среда за да ги врати Израелците дома. Авионите на „Аркија“ ќе полетаат од Кипар, Грција и Црна Гора, се вели во соопштението.
Израел започнанапад врз Иран на 13 јуни, таргетирајќи стотици воени и нуклеарни цели, со цел, велат властите, да ја спречи земјата да развие атомска бомба. Иран постојано негира каква било таква намера.
Текстот Голема акција во Израел: планира да врати 150.000 свои државјани во земјата е превземен од МАКФАКС.