Голема измама со онлајн продажба на мобилни телефони во 19 земји во Европа, направена штета од 300 милиони евра

Голема измама со онлајн продажба на мобилни телефони во 19 земји во Европа, направена штета од 300 милиони евра

пред 3 часа

Полицијата спроведе претреси во 19 европски земји, поради сомневање за голема шема за измама поврзана со онлајн продажба на мобилни телефони. Европското јавно обвинителство (EPPO) ја проценува штетата на околу 300 милиони евра.

Според EPPO, криминални групи продале повеќе од еден милион користени мобилни телефони кои биле рекламирани како нови. Од саботата се спроведени повеќе од 160 претреси низ Европа, а седум осомничени се уапсени во Австрија, Германија и Шпанија. Меѓу нив се и двајца наводни водачи на организацијата.

Истражителите се сомневаат дека телефоните биле склопувани во Хонг Конг и Обединетите Арапски Емирати со користење на половни делови. Потоа, уредите биле чистени, пакувани и испраќани во Холандија, од каде што биле префрлани во магацини во Германија. Потрошувачите во Европската Унија можеле да ги купат онлајн, каде што биле рекламирани како нови. Се верува дека од 2018 година досега се продадени повеќе од еден милион такви уреди.

Осомничените се товарат и за даночно затајување со вклученост на фиктивни компании во земјите-членки на ЕУ и во Швајцарија. Според EPPO, не бил платен ДДВ во износ поголем од 30 милиони евра во неколку земји, при што најмалку 25 милиони евра од таа сума отпаѓаат на Германија.

Германската сојузна покраина Северна Рајна-Вестфалија била главното средиште на операцијата. Во градот Крефелд бил извршен претрес во магацин во индустриска зона. Според германската новинска агенција dpa, таму се наоѓале меѓу 10.000 и 15.000 мобилни телефони.

Во операцијата учествувале вкупно 1.770 даночни, царински и полициски истражители, соопшти EPPO. Претреси беа спроведени во Германија, Австрија, Белгија, Бугарија, Хрватска, Кипар, Естонија, Финска, Италија, Латвија, Литванија, Луксембург, Полска, Португалија, Романија, Словачка, Шпанија, Швајцарија и Холандија.

Исто така, во Обединетото Кралство бил сослушан сведок. ЕППО соопшти дека е запленето големо количество дигитални и физички докази.

Текстот Голема измама со онлајн продажба на мобилни телефони во 19 земји во Европа, направена штета од 300 милиони евра е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top