Големата блокада што ја предизвикаа канадските камионџии со нивниот „Конвој на слободата“ во Отава, револтирани поради задолжителната вакцинација што им ја наметна владата на Џастин Трудо при преминувањето на границата, трае веќе две недели.
Иако блокадата е главно мирна, ситуацијата станува сè понапната бидејќи градските и државните власти сè повеќе го губат трпението со демонстрантите кои го блокираат сообраќајот и нормалниот живот во центарот на главниот град во име на слободата.
Се чини дека властите предводени од градоначалникот на Отава, Џим Вотсон и премиерот Џастин Трудо одлучија да го прекинат протестот што е можно поскоро, а полицијата почна да апси демонстранти и да наплаќа парични казни за незаконски демонстрации. Протестот трае веќе 14 дена.
„Нелегалната блокада мора да заврши“, порача Франсоа-Филип Шампањ, министерот за индустрија, на „Твитер“.
Преминот е важен за снабдувањето на Канада, нагласи тој, додавајќи дека илјадници работници и компании зависат од него. Висечкиот мост кој Онтарио го поврзува со Детроит во САД, е клучен за автомобилската индустрија, но и за американските болници каде што работат голем број медицинари од Канада.
„Блокадата на канадската граница ги загрозува синџирите за снабдување кои веќе се ослабени поради недостигот и одложувањата поврзани со пандемијата“, изјави за АФП, Брајан Кингстон, претседател на Здружението на канадски производители на автомобили, повикувајќи на прекин на протестите. Секој ден преку тој мост поминуваат околу 40.000 луѓе и се транспортира стока во вредност од 323 милиони долари.
Канадската полиција денеска ги повика возачите на камиони кои протестираат, поради ограничувањата за Ковид-19, да го напуштат патот што води до аеродромот во Отава бидејќи прекините на други места од страна на нивните истомисленици продолжуваат да ги попречуваат меѓународните гранични премини.
„Полицијата успеа во преговорите уште десетина камиони да го напуштат Ковентри Роуд“, објавија властите на „Твитер“.
„Сакаме повторно да ги замолиме преостанатите демонстранти да си заминат и да ги потсетиме на пораката што ја објавивме вчера“, додаваат тие, повикувајќи се на изјава во која се наведува дека е незаконски да се попречуваат патишта.