Поради конфликт за околу 50 килограми кокаин, група дилери киднапирале баба и дедо на одметнат член на бандата. Според АП, кој се повикува на полициски извори, брачниот пар кој е во седмата деценија од животот, бил киднапиран од нивната семејна куќа на северот од државата Њујорк и илегално префрлен на територијата на Канада.
Четворицата киднапери ги чувале бабата и дедото два дена на изолирана локација во близина на градот Магог, барајќи од нивниот внук да врати 50 килограми кокаин што тој наводно го украл или да плати 3,5 милиони долари надомест за украдената дрога.
Благодарение на лоцирањето на еден телефонски повик, полицијата во канадската покраина Квебек открила дека киднаперите и киднапираните се во иста куќа во близина на градот Магог.
По успешната полициска акција, киднаперите се уапсени, а парот од Њујорк е ослободен.
Судскиот процес за четворицата киднапери е закажан да започне на 15 октомври во окружниот суд во Платсбург.