Европската Унија ја предупреди Србија поради комеморацијата за Младиќ

Европската Унија ја предупреди Србија поради комеморацијата за Младиќ

пред 3 часа

Европската Унија ја предупреди Србија дека јавните комеморации за осудениот воен злосторник Ратко Младиќ би можеле да го загрозат нејзиниот европски пат. Предупредувањето од Брисел доаѓа во пресрет на погребот на поранешниот командант на Војската на Република Српска, познат и под прекарот „крвникот од Босна“, пишува „Политико“, а пренесува „Индекс“.

Младиќ почина минатата недела во притворската единица во Хаг, каде што издржуваше доживотна затворска казна за злосторства против човештвото. Неговиот ковчег, покриен со српското знаме, во четвртокот со владин авион беше пренесен во Белград. Погребот е најавен за понеделник, по комеморацијата во Домот на војската, на која се очекуваат илјадници луѓе.

Еврокомесарката за проширување Марта Кос изјави дека јавното величење на Младиќ е неспоиво со кандидатурата на Србија за членство во ЕУ.

„Нема место за величење на воени злосторници. Тоа директно се спротивставува на основните европски вредности и за тоа нема простор ниту во земјите членки, ниту во земјите кандидатки“, порача Кос.

„Многу внимателно ја следиме ситуацијата, ќе видиме што ќе се случува во следните денови и ги следиме потезите на српската влада“, додаде таа.

„На Србија секако ѝ е местото во ЕУ, но Унијата не бара само спроведување реформи. Стратешките сојузништва и усогласеноста во областа на заедничката безбедносна и надворешна политика стануваат сè поважни.“

Функционер на српската влада, кој зборувал под услов да остане анонимен, тврди дека државата не е директно вклучена во организацијата на комеморацијата.

„Комеморацијата не ја организира Министерството за одбрана ниту Генералштабот на Војската на Србија, туку Здружението на пензионирани генерали“, рече тој.

Потврди и дека Младиќ нема да биде погребан во Алејата на великаните ниту во Алејата на заслужните граѓани.

Меѓународниот кривичен суд за поранешна Југославија го прогласи Младиќ за одговорен за масакрот на повеќе од 8.000 Бошњаци во Сребреница, како и за злосторствата што неговите единици ги извршија низ Босна и Херцеговина.

Младиќ беше уапсен во 2011 година, по речиси една деценија криење. Апсењето се случи само неколку месеци пред Србија да добие статус на земја кандидат за членство во ЕУ, што ѝ овозможи пристап до значителна финансиска и административна поддршка.

 

Текстот Европската Унија ја предупреди Србија поради комеморацијата за Младиќ е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top