Европските сојузници внимателно го следат политичкиот подем на американскиот потпретседател Џеј Ди Венс, кого некои аналитичари го сметаат за поидеолошки профилирана фигура од сегашниот претседател на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп.
Според експертите интервјуирани од „Политико“, доколку Венс стане шеф на државата, тој би можел да тргне по многу поинаков курс во надворешната политика, со понагласени елементи на изолационизам.
Дел од европските дипломати, како што е наведено, не очекуваат Венс да ја продолжи улогата на САД како клучен гарант за безбедноста на сојузниците, што е една од централните детерминанти на американската глобална стратегија со децении. Ваквите проценки поттикнуваат дискусии за можното преобликување на односите меѓу Вашингтон и европските престолнини, особено во контекст на безбедносните предизвици на истокот од континентот.
Политикологот Суматра Маитра, која се смета за еден од блиските соработници на Венс, смета дека критичарите ја толкуваат неговата идеолошка ориентација како подготвеност за одлучувачки пресврт во американската надворешна политика. Како што оценува, Венс не е склон кон концептот на САД како „глобален полицаец“ и е за редефинирање на улогата на Америка во светот.
Во центарот на политичката програма на Венс, како што истакнува Маитра, е економската реконструкција на земјата. Посебен акцент се става на зајакнување на домашната индустрија и поддршка на работничката класа, што се вклопува во поширокиот наратив за враќање на производството во САД и намалување на зависноста од странските пазари.
Венс, кој има 41 година, сè повеќе се споменува како водечки републикански кандидат за претседателските избори во 2028 година. Неговото евентуално влегување во трката за Белата куќа, судејќи според сегашните проценки, би отворило нова фаза на дискусија за насоката во која ќе се движи американската внатрешна и надворешна политика во следната деценија, пренесува медиумот.
Текстот Европските дипломати претпазливи во врска со подемот на Венс, оценуваат експертите е превземен од МАКФАКС.






