ЕП го укина имунитетот на грчкиoт пратеник, осуден поранешен член на „Златна зора“

пред 4 години

Европскиот парламент го укина имунитетот на грчкиот пратеник Јоанис Лагос, поранешен член на неонацистичката партија „Златна зора“, кој беше осуден во Атина на 13 години и осум месеци затвор поради управување со криминална организација, беше објавено денес во Брисел.

Таа одлука беше донесена со големо мнозинство гласови, 658 пратеници на тајно гласање беа за укинување на имунитетот, 25 беа против, а 10 беа воздржани.

Постапката е покрената на барање на грчките власти, кои мораат да издадат европска потерница за Јоанис Лагос. 48-годишникот е меѓу 40-те членови на „Златна зора“ кои беа осудени во октомври по пет и пол години маратонско судење.

Лагос, како и целото раководство на „Златна зора“, беше во притвор по убиството на антифашистички активист во Атина во септември 2013 година. Тој беше пуштен на условна слобода 18 месеци подоцна, додека чекаше судење.

Тој имаше пратенички имунитет од јули 2019 година, кога беше избран во Европскиот парламент за претставник на „Златна зора“, која ја напушти неколку месеци подоцна.

Лидерот на „Златна зора“, Никос Михалолијакос и повеќето осудени се во затвор, но вториот човек на таа организација, Христос Папас, сè уште е во бегство.

Share
Scroll to Top