Естонија се подготвува целосно да ја затвори границата со Русија по обидот за саботажа на фабрика за воени дронови

Естонија се подготвува целосно да ја затвори границата со Русија по обидот за саботажа на фабрика за воени дронови

пред 2 часа

Естонскиот премиер Кристен Михал нареди подготовка на мерки за можно целосно затворање на границата со Русија, по обидот за напад врз фабрика за воени беспилотни летала. Естонските безбедносни служби се сомневаат дека зад обидот за саботажа стои руската воена разузнавачка служба ГРУ, објави естонскиот јавен сервис ЕРР.

Во саботата, 14 ноември, биле приведени осуммина државјани на Латвија по обид за провала во фабриката на компанијата „Треод системс“ во Виймси, северно од Талин. Според естонските власти, целта била да се предизвика експлозија и да се запали објектот во кој, меѓу другото, се произведуваат извидувачки и борбени дронови со голем дострел.

Премиерот нареди подготовка за затворање на границата

Михал денеска соопшти дека за можноста за затворање на источната граница разговарал со министерот за внатрешни работи Игор Таро. На министерството и владините служби им наложил да ги подготват сите потребни мерки за границата да може да биде затворена доколку безбедносната состојба дополнително се влоши.

Естонскиот премиер предупреди дека руските разузнавачки служби ги користат граничните премини за дејствување против Естонија. Според него, затворањето на границата би ги намалило безбедносните ризици и би испратило порака до Москва дека нападите врз естонската одбранбена индустрија нема да бидат толерирани.

Втор напад врз одбранбената индустрија за неколку месеци

Ова не е прв ваков инцидент во Естонија. Во август бил извршен подметнат пожар во компанијата „Милрем роботикс“ во Талин, која развива беспилотни воени возила и друга одбранбена технологија.

Естонската служба за внатрешна безбедност проценува дека обидот за напад врз „Треод системс“ бил изведен по налог на руската воена разузнавачка служба ГРУ.

Михал изјави дека целта на ваквите операции е да се заплаши населението и да се ослабне поддршката за Украина. Тој порача дека Естонија нема да ја намали помошта за Киев, туку ќе продолжи да ја зајакнува соработката со сојузниците и да го зголемува притисокот врз Русија.

Граничните премини работат само 12 часа дневно

Естонија во моментов има три отворени гранични премини со Русија – Нарва, Лухама и Коидула. Тие работат од 7 до 19 часот, а ноќното затворање е воведено заради зајакнување на безбедноста и поефикасен надзор на границата.

Владата во август одлучи ограниченото работно време да важи до понатамошно известување. Тогаш министерот за внатрешни работи оцени дека нема доволно причини за целосно затворање на границата.

Најновиот безбедносен инцидент повторно ја отвори таа можност, но естонските власти засега не објавиле датум за евентуално затворање, ниту потврдиле дека е донесена конечна одлука.

Текстот Естонија се подготвува целосно да ја затвори границата со Русија по обидот за саботажа на фабрика за воени дронови е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top