ЕУ целосно го забрани увозот на руски гас, две земји гласаа против

ЕУ целосно го забрани увозот на руски гас, две земји гласаа против

пред 6 часа

Земјите-членки на ЕУ денес формално усвоија регулатива со која се воведува правно обврзувачка, постепена забрана за увоз на руски течен природен гас и гас од гасоводи со целосна забрана од крајот на 2026 година, односно есен 2027 година.

„Се ослободуваме од штетната зависност од рускиот гас и во духот на солидарност и соработка правиме голем чекор кон автономна енергетска унија“, рече кипарскиот министер за енергетика, Михаел Дамијанос, чија земја претседава со Советот на ЕУ.

Унгарија и Словачка, кои сè уште се значително зависни од рускиот увоз на енергија, гласаа против регулативата, Бугарија се воздржа, а сите други членки гласаа за неа. Унгарија објави дека ќе се обрати до Судот на ЕУ.

Регулативата стапува на сила денот по објавувањето во Службениот весник, а забраната ќе се применува шест недели по стапувањето во сила на регулативата, што значи дека од тој датум не можат да се склучуваат договори за увоз на руски гас.

Одобрен е преоден период за постојните договори. Целосна забрана за увоз на течен природен гас (LNG) ќе стапи на сила од почетокот на 2027 година, а за увоз на гас преку цевководи од есента 2027 година. До 1 март оваа година, земјите-членки мора да подготват национални планови за диверзификација на снабдувањето со гас и да ги идентификуваат потенцијалните предизвици во замената на рускиот гас.

Пред руската инвазија на Украина во февруари 2022 година, Европската Унија увезуваше повеќе од 40 проценти од својата потрошувачка на гас од Русија. Според најновите податоци, тој увоз падна на околу 13 проценти. Сепак, некои земји како Унгарија и Словачка продолжуваат со несмален увоз на гас од Русија, која со овие средства ја финансира војната во Украина.

Текстот ЕУ целосно го забрани увозот на руски гас, две земји гласаа против е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top