Ендрју Маунтбатен-Виндзор, поранешен принц, утрово е уапсен во својот дом на имотот Сандрингем поради сомнение за злоупотреба на положба и овластувања. Апсењето следуваше откако неодамна објавени документи поврзани со Џефри Епстин откриле дека поранешниот војвода од Јорк, како британски трговски пратеник, наводно споделувал доверливи информации со осудениот финансиер и други лица.
Пред објавувањето на милионите документи од истрагите за Џефри Епстин минатиот месец, се очекуваше Маунтбатен-Виндзор да се соочи со апсење поради обвиненија за сексуално злоставување. Починатата Вирџинија Џуфре го обвини за силување, што тој постојано го негираше, а во 2022 година ѝ исплати околу 12 милиони фунти во рамки на спогодба во граѓанска постапка.
Меѓутоа, новите документи ја насочиле полициската истрага во сосема нов правец. Во моментов, вкупно осум британски полициски служби истражуваат различни обвиненија поврзани со братот на кралот. Маунтбатен-Виндзор повеќепати ги негирал сите обвиненија, и оние за сексуално злоставување и оние за злоупотреба на положба.
Сомнителни е-пораки до Епстин
Како што „Телеграф“ објави претходно овој месец, електронските пораки што Маунтбатен-Виндзор му ги испраќал на Епстин додека бил трговски пратеник покажуваат дека со осудениот педофил споделувал доверливи информации. Во октомври 2010 година му препратил службени извештаи од своите посети на Сингапур, Виетнам, Хонг Конг, кои ги составил неговиот тогашен специјален помошник Амит Пател.
Маунтбатен-Виндзор ги испратил извештаите на Епстин само пет минути откако ги примил. Иако во интервју за „Њузнајт“ во 2019 година тврдеше дека на почетокот на декември 2010 година го прекинал пријателството со Епстин, електронските пораки објавени од американското Министерство за правда покажуваат поинаку.
На Бадник истата година му испратил доверлив извештај за можностите за инвестиции во авганистанската покраина Хелманд, каде што обновата ја финансирала владата на Обединетото Кралство.
Во документот со наслов „Хелманд: Комерцијални можности со висока вредност за странски инвестиции“, напишан на 19 декември 2010 година, се наведува дека главните градови на покраината, Лашкар Гах и Герешк, „имаат безбедни индустриски зони што ги проектира и развива ДФИД (Министерството за меѓународен развој)“.
Во извештајот детално се наведуваат деловни можности, вклучително и „значајни наоѓалишта на минерали со висока вредност“ и „потенцијал за евтина експлоатација“ на суровини како злато, иридиум, ураниум, ториум, мермер, нафта и гас.
Според владините правила, трговските пратеници имаат обврска за чување доверливост, која важи и по напуштањето на функцијата. Маунтбатен-Виндзор бил британски трговски пратеник од 2001 до 2011 година.
Се чини дека тој и Епстин планирале да покренат заеднички бизнис во Кина години по осудата на Епстин, и тоа додека Маунтбатен-Виндзор сè уште бил на должност. Деловните разговори, водени преку посредникот Дејвид Стерн, очигледно продолжиле повеќе од пет години по излегувањето на Епстин од затвор.
Стерн, помошник на поранешниот принц, првпат му предложил деловен потфат на Епстин на 24 јули 2010 година, додека овој бил во домашен притвор.
Доверливи податоци и за пријател банкар
Епстин не бил единствената личност на која Маунтбатен-Виндзор наводно ѝ испраќал доверливи информации. Во февруари 2010 година, тогашниот војвода од Јорк побарал од заменичката на својот приватен секретар, Аманда Тирск, да обезбеди интерен владин документ за исландската финансиска криза. Во тоа време Британија и Исланд биле во дипломатски спор поради британските депозити изгубени во банкарската криза во 2008 година.
Аманда Тирск на 8 февруари 2010 година му пишала на Мајкл Елам, главен директор за меѓународни финансии во Министерството за финансии: „Војводата од Јорк се сретна со премиерот на Исланд во Давос и би сакал да ги добие најновите информации за односите меѓу Обединетото Кралство и Исланд во врска со депозитите.“
Една недела подоцна таа примила документ од друг службеник и му го препратила на Маунтбатен-Виндзор. Два часа подоцна тој го препратил на Џонатан Роуланд, близок пријател и поранешен директор на банката „Банк Хавиланд“, која една година претходно купила имот од пропаднат исландски заемодавач.
Во пораката напишал: „Ти го испраќам ова за коментар и предлози, или решение? Се чини дека Аманда добива сигнали дека треба да дозволиме демократскиот процес да се одвива пред вашите потези. Ме интересира твоето мислење? А.“
Полицијата го потврди апсењето
Маунтбатен-Виндзор се соочува и со одделни обвиненија поврзани со можна вмешаност во синџирот на трговија со жени и девојчиња на Епстин. Неколку британски полициски служби проценуваат дали ќе ги истражат тие наводи.
Полицијата на Темз Вали објави соопштение: „Во рамки на истрагата денес (19 февруари) уапсивме маж во шеесеттите години од областа Норфолк поради сомнение за злоупотреба на положба и овластувања и спроведуваме претреси на адреси во Беркшир и Норфолк.“
Полицијата на Темз Вали е надлежна за подрачјето на Виндзор, каде што Маунтбатен-Виндзор живеел во Ројал Лоџ до почетокот на овој месец.
Текстот Е-пораки до Епстин и доверливи извештаи – причините за апсењето на принцот Ендрју е превземен од МАКФАКС.






