Закрепнува момчето што го преживеа падот на жичницата во Италија, дише самостојно

пред 3 години

Петгодишниот Ејтан, единствениот преживеан кога се урна кабината на жичницата што ги поврзува градот Стреза и планината Мотороне, во регионот на Пиемонт, веќе не е приклучен на апарати и дише самостојно, пишува агенцијата Анса.

Во несреќата загинаа родителите на момчето, неговиот помлад брат, дедото по татко и уште 10 други лица.

Родителите и братот на преживеаното момче ќе бидат погребани денес во Израел, од каде што потекнува семејството, а живееја во италијанскиот град Павија.

Во меѓувреме, медиумите објавуваат детали за несреќата.

Кабината, која се откачила од жичницата, паднала во бездната со брзина од 100 километри на час.

Кабината не била исправна еден месец пред несреќата, но наместо да се поправи резервната сопирачка, која треба да се активира во случај на расипување на кабелот на носачот, што и се случило, мајсторите едноставно ја блокирале сопирачката за да не запре жичницата. Затоа и денес италијанските медиуми, како весникот „Ил Фато котидијано“, пишуваат за надмоќта на трката за профит наместо да се инвестира во безбедносни мерки.

Агенцијата Анса потсетува дека досега се уапсени три лица под обвинение дека се виновни за несреќата, а меѓу нив е и сопственикот на компанијата што управува со жичницата. Неговото семејство, исто така, ја користело жичница на денот на несреќата и се искачило на планината Мотороне, непосредно пред инцидентот.

Share
Scroll to Top