Европската Унија веќе е во состојба на конфликт со Русија, иако овој конфликт не вклучува директна воена мобилизација на граѓаните и испраќање војници на фронтот, според мислењето на високи функционери на нејзината дипломатска служба.
Како што изјави заменик-шефицата на дипломатската служба на Европската Унија, Белен Мартинез Карбонел, во интервју за шпанскиот весник „Ел Паис“, „факт е дека веќе сме во воена состојба со Русија“.
Сепак, таа нагласи дека овој „воен статус“, како што го гледа Брисел, засега не подразбира класичен вооружен конфликт во кој европските граѓани би биле мобилизирани и испратени на бојните полиња. Според неа, станува збор за поинаква форма на конфронтација што вклучува политички, економски и безбедносен притисок, но не и директни борбени операции на европските армии.
Изјавите од Брисел доаѓаат во време на зголемени тензии меѓу Русија и западните земји, првенствено поради конфликтот во Украина и санкциите што Европската Унија ги воведе врз Москва, според написите.
Од друга страна, анализираат медиумите, рускиот претседател Владимир Путин постојано ги отфрла тврдењата дека Москва планира напад врз Европа, нарекувајќи ги бесмислени. Тој истакна дека, според него, западните политичари ја создадоа сегашната криза и продолжуваат со нејзината ескалација со постојани предупредувања и изјави за наводни руски подготовки за војна со Европа.
Текстот Заменичката на Калас: Европската Унија веќе е во војна со Русија е превземен од МАКФАКС.






