За првпат во историјата, ОН би можеле да останат без генерален секретар

За првпат во историјата, ОН би можеле да останат без генерален секретар

пред 1 час

Додека светот се соочува со војни, економски кризи, пандемии и предизвици што ги носи вештачката интелигенција, Обединетите нации – организација основана за справување со најголемите светски проблеми – се соочуваат со длабоки внатрешни поделби. Овие поделби отвораат можност ОН, за првпат во својата историја, да останат без генерален секретар.

Експерти запознаени со функционирањето на организацијата предупредуваат дека постои реална можност мандатот на актуелниот генерален секретар на ОН, Антонио Гутереш, да заврши до крајот на годината, а притоа да не биде именуван негов наследник.

„Тоа е реална можност – иако сè уште е можен договор во последен момент – а претставниците на ОН веќе подготвуваат планови за вонредни ситуации во случај на такво сценарио“, изјави Тибо Камели, поранешен дипломат во ОН, кој сега е истражувач во Центарот за меѓународна соработка при Универзитетот во Њујорк.

Кандидатот со најмногу гласови нема загарантирана поддршка
Советот за безбедност на ОН, кој е задолжен за избор на наследникот на Гутереш, од јули наваму спроведе девет рунди неофицијално гласање како дел од сложениот процес на избор. Ребека Гринспан – поранешна потпретседателка на Костарика и поранешна шефица на Конференцијата на ОН за трговија и развој (UNCTAD) – доби најголем број гласови во осум од тие девет рунди.

Сепак, нејзиниот избор е далеку од сигурен, наведува агенцијата Франс прес. Како и другите кандидати, Гринспан доби негативни сигнали од постојаните членки на Советот за безбедност, кои имаат моќ да го блокираат нејзиното именување преку правото на вето.

„Поради поделбите меѓу постојаните членки на Советот за безбедност – особено меѓу Кина, Русија и САД – изборот на нов генерален секретар останува неизвесен“, вели Даниел Форти од организацијата „Меѓународна кризна група“.

Големите светски сили тешко постигнуваат договор за бројни прашања со кои се занимаваат ОН, вклучително и конфликтите во Судан, Газа и Украина. Истите тие поделби го отежнуваат и изборот на нов лидер на организацијата, додава Форти.

Политиката на Трамп дополнително ја усложнува ситуацијата
Под водство на претседателот Доналд Трамп, Соединетите Држави спроведуваат политика „Америка на прво место“, која ги доведува во прашање основните принципи на меѓународна соработка врз кои е изградена ОН.

„Мораме да спроведеме реформи и да воведеме ред. Мораме да обезбедиме оваа организација да функционира подобро“, изјави американскиот амбасадор во ОН, Мајк Волц – кој зборуваше за ова прашање многу поотворено од амбасадорите на другите постојани членки на Советот за безбедност.

Во одредени делови на ОН постои загриженост дека Гринспан е „премногу вкоренета во системот за да може да спроведе промени“, вели Естер Бример, поранешна помошник-државен секретар на САД за време на администрацијата на Барак Обама.

Камели истакна дека, според општото мислење, и Вашингтон и Москва се противат на нејзиниот избор. Друг кандидат е Лана Нусеибех од Обединетите Арапски Емирати, која се вклучи во трката во подоцнежна фаза. Многумина ја гледаат како потенцијален фаворит на Вашингтон, иако досега таа имаше потешкотии да обезбеди поширока поддршка.

Можно е во трката да влезат и нови кандидати
„Недостатокот на консензус, во комбинација со огромните политички и финансиски притисоци со кои се соочува организацијата, ја прави позицијата генерален секретар значително помалку привлечна отколку што беше во претходните години“, рече Форти. ОН се соочуваат со чести буџетски кратења, додека САД сè повеќе ја туркаат организацијата кон маргините на меѓународните односи.

Осврнувајќи се на овие прашања, раководителот на една од агенциите на ОН забележа дека моралот меѓу вработените е прилично низок веќе подолго време. „Сите се надеваат дека новиот генерален секретар ќе биде личност која ќе донесе обнова и свеж пристап – што е и очекувано по десет години“, односно по два целосни мандати на Гутереш на чело на организацијата, додаде тој.

Форти изјави дека моќните постојани членки на Советот за безбедност „почнале меѓусебно активно да разговараат за изборниот процес, што е знак дека сè повеќе чувствуваат политички притисок“. И покрај поделбите, постои широка согласност меѓу бројни земји за едно прашање. Многумина сметаат дека ОН, за првпат во својата 81-годишна историја, треба да имаат жена на чело на организацијата.

Текстот За првпат во историјата, ОН би можеле да останат без генерален секретар е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top