Украинскиот претседател Володимир Зеленски предупреди дека откажувањето од кој било дел од украинската територија само ќе го охрабри рускиот лидер Владимир Путин и ќе послужи како почетна точка за идни напади врз Европа, освен ако континентот не остане цврст во својата поддршка. Зеленски нагласи дека повлекувањето од Донбас ќе го разоткрие Харков, град со 1,5 милион жители, и ќе ѝ дозволи на Русија да го заземе клучниот индустриски центар Днепар, пишува „Киев пост“.
Оваа изјава доаѓа во контекст на предлогот на американскиот претседател Доналд Трамп, кој, по средбата со Путин во август, е за конечен мировен договор.
Трамп рече дека Зеленски би можел да ја заврши војната речиси веднаш, ако сака, но додаде дека Украина не може да го врати Крим сугерирајќи дека Киев треба да се согласи на територијални отстапки во замена за мир. Зеленски решително ги отфрли ваквите идеи неколкупати.
„Некои медиуми тврдат дека ако украинските војници ги напуштат источните региони на нашата земја, таму ќе се врати мирот. Но, тоа не е вистина“, рече Зеленски во интервју за француското списание „Ле Поинт“.
„Путин го зазеде Крим за да го користи како база за опкружување на југот. Во 2014 година тој зазеде дел од истокот за да се подготви за целосна окупација на овие региони“. Тој нагласи дека повлекувањето на Русија од Донбас ќе отвори нови можности за понатамошна агресија.
Претседателот истакна дека опстанокот на Украина директно одредува каде ќе биде источната граница на Европа.
„Ако Украина не издржи, таа граница ќе биде Полска или дури и Германија“, предупреди тој.
Додаде дека новата технологија на оружје го прави растојанието ирелевантно. „Верувајте ми, за две години Русите ќе имаат многу ракети – а и ние – со дострел од 5.000 километри. Морето нема да заштити никого, океанот нема да заштити никого“, рече тој.
Неговите коментари дојдоа кога рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров во среда повтори дека Москва бара меѓународно признавање на анектираните и на окупираните делови од Украина како руска територија.
Русија тврди дека анектирала пет украински региони: Донецк, Луганск, Херсон и Запорожје, покрај полуостровот Крим, кој го окупира во 2014 година.
„За да се постигне траен мир, новите територијални реалности што се појавија… мора да бидат признати и формализирани во согласност со меѓународното право“, рече Лавров.
Украинскиот министер за надворешни работи Андриј Сибиха остро ја критикува Москва за упорност во она што го нарече стари ултиматуми додавајќи дека Русија не ги променила своите агресивни цели и не покажува знаци на подготвеност за значајни преговори.
Во исто време, рускиот претседател Владимир Путин, зборувајќи во Пекинг, рече дека ќе ја продолжи борбата доколку не се постигне мировен договор.
„Ако нема мировен договор, тогаш ќе мора да ги решиме сите наши задачи воено“, рече Путин.
Зеленски, кој истиот ден пристигна во Париз на разговори со европските сојузници, рече дека не гледа знаци оти Москва е сериозна во врска со завршувањето на војната.
Текстот Зеленски до Европа: Сетете се што направи Путин со Крим е превземен од МАКФАКС.