Зеленски им забрани на медиумите да известуваат за штетите врз енергетската инфраструктура

Зеленски им забрани на медиумите да известуваат за штетите врз енергетската инфраструктура

пред 3 часа

Украинскиот претседател Володимир Зеленски потпиша указ со кој се ограничува медиумското известување за оштетувањата на критичната инфраструктура, како и за времетраењето и динамиката на нејзината поправка. Мерката се однесува и на изградбата на заштитни објекти околу клучните енергетски постројки.

Указот ја спроведува одлуката на Советот за национална безбедност и одбрана на Украина од 23 октомври, донесена во рамки на подготовките за грејната сезона 2026/2027 година.

Со одлуката, владата добива задача итно да преземе мерки со кои ќе се забрани објавување информации за штетите врз критичната инфраструктура и распоредот за нејзино санирање, објави „Украинска правда“.

Ограничувањето опфаќа и известување за напредокот во изградбата на заштитни објекти во клучните енергетски капацитети, но и во објектите што обезбедуваат основни јавни услуги. Тоа ги вклучува и проектите предвидени со сеопфатните планови за отпорност на регионите и градовите.

Ќе се утврдува кој е одговорен за заштитата на постројките

Министерството за одбрана и Генералштабот на украинската армија треба да изработат и одобрат план за заштита на одредени енергетски објекти од воздушни напади.

Планот треба да предвиди и именување конкретни функционери кои ќе бидат одговорни за постојаната противвоздушна одбрана на приоритетните енергетски постројки.

Советникот на Зеленски за комуникации, Дмитро Литвин, појаснил дека владата, Службата за безбедност на Украина и другите надлежни институции допрва ќе утврдуваат како ќе се спроведува забраната.

Тој посочил дека примената ќе биде сложена, бидејќи голем дел од информациите се објавуваат на анонимни канали на Телеграм.

Текстот Зеленски им забрани на медиумите да известуваат за штетите врз енергетската инфраструктура е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top