Зеленски: Мора да се потпреме само на себе

пред 3 години

Претседателот на Украина Владимир Зеленски денеска потпиша указ за зајакнување на одбранбените капацитети на земјата, со кој се предвидува зголемување на бројот на војници за 100.000 во следните три години, создавање дополнителни 20 бригади и зголемување на бројот на професионални војници.

Зборувајќи на отворањето на седницата на Врховната влада, Зеленски рече дека тој указ не го донел затоа што наскоро ќе има војна, туку затоа што во Украина ќе има мир, пренесуваат агенциите.

Зеленски посочи дека Украина мора да се потпре пред се на сопствените сили бидејќи, како што рече, никој освен самите Украинци нема да ја заштитат.

„Нашата татковина, навистина, има многу пријатели и ние сме им благодарни, но пријателите имаат своја татковина, запомнете го ова. Така, никој освен нас нема да ја заштити земјата, да ја спаси и да ја подигне. Мора да се потпреме само на себе“, рече тој.

Западот ја обвинува Русија дека подготвува инвазија на Украина, додека Москва ги негира тие тврдења.

Полска ќе и помогне на Украина во снабдување со гас и оружје за да го поддржи својот поранешен советски сосед соочен со заканата од можна нова руска воена интервенција, изјави денеска во Киев премиерот Матеуш Моравјецки.

Говорејќи на заедничката прес-конференција со својот украински колега, Моравјецки рече дека Полска ќе предаде десетици илјади артилериска муниција, лесни минофрлачи, преносни системи за противвоздушна одбрана и извидувачки беспилотни летала, пренесува Ројтерс.

„Нашиот дел од Европа не доживува земјотреси или вулкански ерупции. Но, ако живееме блиску до соседи како Русија, имаме чувство дека живееме во подножјето на вулкан“, рече Моравјецки.

Тој ја повика Германија да не работи со гасоводот „Северен тек 2“, наведувајќи дека тоа претставува сериозен безбедносен ризик за цела Европа.

„Со лансирањето на овој гасовод, Берлин го полни пиштолот на Путин со кој Москва потоа може да ја уценува цела Европа“, рече Моравјецки.

Share
Scroll to Top