Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека би размислил за замрзнување на сегашните линии на фронтот со цел да се постигне мировен договор со Русија и повеќегодишната војна да заврши по дипломатски пат.
Во гостувањето во средата наутро во емисијата „Фокс енд Френдс“, Зеленски изјави дека е подготвен веднаш да ги запре борбите, иако руските сили се соочуваат со значителни тешкотии на бојното поле, пренесува „Њујорк пост“.
На прашањето дали би ги запрел сите борби „токму сега“, во ситуација во која Украина и понатаму би контролирала 75 отсто или повеќе од својата територија, Зеленски одговори потврдно.
„Да, во овој момент мораме да го замрзнеме конфликтот и мислам дека тоа е реален начин да ја завршиме оваа војна. Ние тоа го нарекуваме прекин на огнот… претседателот Трамп го нарече замрзнување и запирање“, изјави Зеленски.
Тој додаде дека тоа е минимумот што Украина денес го бара од Русија.
„А потоа, секако, ќе се обратиме до претседателот Трамп и до Европејците и ќе побараме безбедносни гаранции“, најави Зеленски.
Зеленски нагласи дека најважниот аспект од преговорите за мировен договор е обезбедувањето гаранции дека руската агресија и окупација нема да се повторат.
Кога водителот на емисијата, Брајан Килмид, го праша дали би бил подготвен да се откаже од регионот Донбас заради мир, украинскиот претседател одговори дека тоа „не е праведно“.
„Тие не победуваат на бојното поле. Затоа сакаат да извршат притисок врз нас и користат секаков вид притисок за да нè истераат од нашата земја. Тоа не е праведно“, изјави Зеленски.
„Луѓето се уморни, секако. Сакаме да ја завршиме оваа војна што е можно поскоро“, продолжи Зеленски, но истакна дека неговите сограѓани сакаат да останат во сопствената земја.
Текстот Зеленски откри на каков договор би се согласил за крај на војната е превземен од МАКФАКС.





