Земјотрес со магнитуда од 7,6 степени во Тихиот Океан, нема опасност од цунами

Земјотрес со магнитуда од 7,6 степени во Тихиот Океан, нема опасност од цунами

пред 6 часа

Силен земјотрес со магнитуда од 7,6 степени ја погоди денес областа во близина на Тонга во Тихиот Океан, поради што крајбрежните области беа евакуирани, но нема опасност од цунами.

Геолошкиот завод на САД објави дека земјотресот се случил рано навечер по локално време, на длабочина од околу 240 километри. Земјотресите на помали длабочини обично се чувствуваат посилно на површината.

Епицентарот на земјотресот бил во морето, околу 153 километри западно од Неиафу, вториот по големина град во островската држава Тонга.

Досега нема извештаи за штети.

Националната канцеларија за управување со ризици од катастрофи на Тонга ги предупреди жителите на ниските подрачја веднаш да се преселат на поголеми надморски височини, односно во внатрешноста.

На граѓаните им беше советувано да избегнуваат плажи, брегови и ниски крајбрежни подрачја додека не се издаде официјално соопштение дека опасноста поминала, според објавата на нивната Фејсбук страница.

Американскиот геолошки завод не издаде предупредување за цунами за регионот, а Тихоокеанскиот центар за предупредување од цунами на Хаваи соопшти дека нема закана од цунами бидејќи земјотресот бил премногу длабоко.

Тонга е архипелаг во Полинезија кој се состои од 171 остров со малку повеќе од 100.000 жители, од кои повеќето живеат на главниот остров Тонгатапу. Епицентарот на денешниот земјотрес беше поблиску до островската група Вавау.

Тонга се наоѓа на Тихоокеанскиот огнен прстен, појас од сеизмички расцепи каде што се одвива голем дел од сеизмичката и вулканската активност во светот.

Островската држава се наоѓа на околу 1.800 километри североисточно од Нов Зеланд, каде што претставниците за управување со катастрофи денес изјавија дека нема закана од цунами ниту за таа земја.

Текстот Земјотрес со магнитуда од 7,6 степени во Тихиот Океан, нема опасност од цунами е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top