Израел им порача на посредниците Египет и Катар дека нема да ги продолжи преговорите за прекин на огнот додека Хамас не му испрати список на израелски заложници кои останаа живи во Газа, пренесува израелскиот портал „Вала“, повикувајќи се на висок израелски функционер.
Официјалниот претставник рече дека Израел, исто така, бара „сериозен одговор“ од Хамас за бројот на палестински затвореници што се обидува да ги ослободи како дел од потенцијалниот договор, објави „Ал Џезира“.
Американскиот портал „Аксиос“ објави дека Египет и Катар неделава му ветиле на Израел дека доколку се согласи да испрати преговарачки тим во Доха, ќе достават список со живи заложници и ќе извршат притисок врз Хамас да се откаже од барањата.
Меѓутоа, по тридневни разговори во Доха, израелската делегација се вратила дома без никакви одговори за ниту едно прашање, пишува „Тајмс оф Израел“.
„Посредниците ветија дека Хамас ќе ги даде бројките, но тоа не се случи“, изјавил неименуван израелски функционер за „Аксиос“, пренесува Танјуг.
Абу Убаида, портпаролот на бригадите Ал-Касам, вооруженото крило на палестинската милитантна организација Хамас, претходно изјави дека седуммина заложници, кои биле заробени во Појасот Газа, биле убиени во бомбардирање на израелските сили.
Не е познато кога загинале заложниците.
Абу Убаида потврди дека бројот на заложници убиени во израелските воени операции во Газа сега надмина 70.
Текстот Израел ги прекинува преговорите за примирје додека Хамас не испорача список на заложници кои се живи е превземен од МАКФАКС.