Големиот мировен договор меѓу САД и Иран, наместо историски триумф, викендов донесе целосна дипломатска збрка. Иако Пакистан веќе најави дека сè е подготвено за утрешното потпишување, од Техеран стигна ладен туш – велат дека работата не е готова бидејќи Вашингтон постојано се колеба.
Портпаролот на иранското Министерство за надворешни работи, Есмаил Багаеи, изјави дека мировниот договор сепак нема да биде потпишан утре. Според иранските државни медиуми, Багаеи нагласил дека Иран мора да биде претпазлив со најавите за датуми поради „колебањето на Соединетите Држави“.
Ваквата реакција доаѓа во време на сè погласни шпекулации дека првичниот договор би можел да биде склучен викендов, наводно поради желбата на американскиот претседател Доналд Трамп да го осигура пред да замине на самитот на Г7 во понеделник.
Оваа најава од Техеран е во директна спротивност со тврдењата на пакистанскиот премиер, кој претходно изјави дека договорот е „поблиску од кога било“ и дека неговото склучување се очекува во следните 24 часа.
Дополнително, пакистанското Министерство за надворешни работи соопшти дека заменик-премиерот и министер за надворешни работи, Исхак Дар, остварил телефонски разговор со својот саудиски колега, принцот Фаисал бин Фархан. Пакистанските власти повторија дека церемонијата за електронско потпишување е закажана за недела, нагласувајќи дека земјите-посредници ги поздравуваат преговорите кои се во завршна фаза.
Додека траат недоразбирањата околу точниот датум со Вашингтон, Иран итно се состана со своите клучни сојузници. Заменикот на иранскиот министер за надворешни работи, Казем Гарибабади, во Техеран одржа разговори со руски и кинески претставници.
„Разменивме мислења и разговаравме за најновиот развој на настаните во врска со нацрт-меморандумот за разбирање во Исламабад. Стратешкото партнерство на Иран, Кина и Русија, како и координацијата и соработката на трите земји, цврсто ќе продолжат“, соопшти Гарибабади по средбата.
Текстот Иран: Мировниот договор нема да биде потпишан утре е превземен од МАКФАКС.






