Италијанскиот Сенат денес усвои закон со кој се овозможува враќање на нуклеарната енергија. Одлуката е донесена речиси четири децении откако катастрофата во Чернобил ја натера Италија да се откаже од својата нуклеарна програма, пишува АП. Законот беше усвоен во горниот дом на парламентот со 81 глас „за“, 51 „против“ и седум воздржани.
За владата на премиерката Џорџија Мелони, ова е важен чекор во зајакнувањето на енергетската безбедност и исполнувањето на климатските цели, иако изградбата на нови реактори е сè уште оддалечена со години.
Законот претходно беше усвоен во Претставничкиот дом и тој ја воспоставува правната рамка за нуклеарни технологии од новата генерација. Владата сега има моќ да донесе имплементациски регулативи во следните 12 месеци. Тие ќе го дефинираат лиценцирањето на реактори, безбедносните стандарди, управувањето со отпад и критериумите за избор на идни локации.
Со ова гласање, Италија започнува враќање кон нуклеарната енергија, кое граѓаните го отфрлија двапати на референдуми: првиот пат по катастрофата во Чернобил во 1986 година и вториот пат по несреќата во Фукушима во 2011 година.
Текстот Италија се враќа на нуклеарната енергија по речиси 40 години е превземен од МАКФАКС.




