Меѓународниот суд за воени злосторства утре ќе ја објави пресудата за поранешниот косовски претседател Хашим Тачи и уште тројца поранешни високи команданти на ОВК, обвинети за злосторства извршени за време и непосредно по војната во Косово во 1998 и 1999 година.
Обвинителството побара по 45 години затвор за Тачи, Кадри Весели, Јакуп Красниќи и Реџеп Селими. Четворицата ги отфрлаат обвиненијата, а нивните адвокати бараат ослободителни пресуди. Во притвор во Хаг се од ноември 2020 година.
Тие се обвинети за воени злосторства и злосторства против човештвото, меѓу кои прогон, убиства, тортура, сурово постапување, незаконско затворање и присилни исчезнувања на косовски Албанци и Срби. Обвинителите тврдат дека биле убиени повеќе од 100 политички противници и лица осомничени за соработка со српските безбедносни сили, додека неколку стотици наводно биле малтретирани.
Одбраната на Тачи тврди дека нема докази што директно го поврзуваат со наводните злосторства, ниту дека имал контрола врз другите команданти на ОВК.
Пресудата е закажана за утре во 10 часот во Хаг. Во повеќе градови во Косово се поставени големи екрани на кои се одбројува до нејзиното објавување, а во саботата илјадници луѓе се собраа во Приштина барајќи ослободување на обвинетите. Исходот внимателно се следи и во Србија.
Тачи беше претседател на Косово од 2016 до 2020 година, а претходно премиер од 2008 до 2014 година. Дури и ако биде ослободен во овој процес, малку е веројатно дека веднаш ќе излезе на слобода, бидејќи во одвоен случај Обвинителството побара шест години затвор поради наводно влијание врз сведоци и попречување на правдата.
Текстот Косово во исчекување на пресудата за Тачи е превземен од МАКФАКС.




