Лидерите на Западен Балкан на Самит во Словенија- можност за реафирмирање на европската перспектива

пред 3 години

Самитот на Европската унија-Западен Балкан ќе се одржи денеска и утре на Брдо кај Крањ во Словенија и ќе ги собере шефовите на земјите-членки на ЕУ и лидерите на Западен Балкан.

Самитот се смета за можност за реафирмирање на европската перспектива на Западен Балкан и негова понатамошна интеграција во Унијата, но и давање дополнителен поттик за имплементација на Европскиот инвестициски и економски план.

Домаќин на самитот ќе биде премиерот на Словенија Јанез Јанша, а состанокот ќе го води претседателот на Европскиот совет, кој заедно со претседателката на Европската комисија ќе ја претставува ЕУ.

На собирот ќе присуствуваат лидери на сите земји-членки на ЕУ и Западен Балкан: Северна Македонија, Србија, Албанија, Босна и Херцеговина, Црна Гора и Косово.

Самитот ќе се одржи преку две одделни сесии, на првата ќе присуствуваат лидерите на земјите-членки на ЕУ, а на втората ќе им се придружат лидерите на земјите од Западен Балкан.

Фокусот на состанокот ќе биде реафирмација на европската перспектива на Западен Балкан, која, како што посочуваат во ЕК, е од заеднички стратешки интерес и останува заеднички стратешки избор.

Како одговор на зголемените критики и скептицизам во регионот за стратегијата за проширување на ЕУ, Урсула фон Фер Лејен ја пренесе таа порака за време на нејзината посета на Западен Балкан минатата недела, повторувајќи ја нејзината поддршка-Западен Балкан да се приклучи на Унијата.

Share
Scroll to Top