Галеријата Аполо на музејот Лувр во Париз, од која беше украден накит во вредност од 88 милиони евра, ќе биде повторно отворена за јавноста утре. Накитот нема да биде изложен, а Аполо ќе се врати на својата функција како државна галерија од 17 век, изјави денес за АФП информиран извор.
„Галеријата ќе се отвори во среда“, рече изворот, потврдувајќи го извештајот во весникот „Ле Паризиен“ и додавајќи дека ќе биде присутна француската министерка за култура, Катрин Пегард.
Претседателот на музејот, Кристоф Лерибо, во интервју за „Ле Паризиен“ изјави дека колекциите и скапоцените предмети што претходно беа изложени се отстранети.
Во октомври 2025 година, разбојници преправени како градежни работници влегоа во галеријата користејќи камионски кран. Тие украдоа скапоцен накит, кој сè уште се води како исчезнат.
„Безбедна просторија, трезор без прозорци, ќе биде создадена во друг дел од музејот за накитот што не е украден“, рече Лерибо.
Провалата во Лувр откри големи безбедносни пропусти во најпосетуваниот музеј во светот, кој привлекува околу девет милиони луѓе годишно. Кражбата, исто така, предизвика внатрешна криза во Лувр, што доведе до разрешување на претседателот Лоренс де Кар.
„Безбедносните прашања во Лувр се ставени во втор план во последните години“, заклучи парламентарната комисија за безбедност на музеите во Франција.
фото/Depositphotos
Текстот Лувр повторно ја отвора галеријата од која беше украден накит во вредност од 88 милиони евра е превземен од МАКФАКС.





