„Луѓето плачеа, многумина не можеа да излезат“ – преживеаните раскажуваат за судирот на возовите во Шпанија

„Луѓето плачеа, многумина не можеа да излезат“ – преживеаните раскажуваат за судирот на возовите во Шпанија

пред 9 часа

Потресните сведоштва на патниците кои ја преживеале тешката железничка несреќа во Урда, во шпанската покраина Толедо, опишуваат сцени на ужас, уништени вагони, повредени патници и очајнички обиди да им се помогне на луѓето заробени во остатоците од возовите.

„Мамо, не можеме ништо да направиме, луѓето умираат“. Со овие зборови Адријан, низ солзи, разговарал со својата мајка Марисол по несреќата во која се судрија два воза. Младиот човек патувал кон Севиља со пријателите.

Неговата мајка за емисијата „Еспехо Публико“ на телевизијата „Антена 3“ раскажала дека успеала да стапи во контакт со него откако на патниците им бил даден телефон. Според нејзините зборови, од силината на ударот патниците биле исфрлени од своите седишта, а некои не можеле да стигнат до вагоните.

„Мојот син беше скршен, целосно надвор од себе“, изјавила Марисол, додавајќи дека еден од пријателите на Адријан ја скршил ногата. За време на разговорот, младиот човек ѝ го пренел и чувството на беспомошност пред сцените на кои бил сведок.

Патниците исфрлени од седиштата, вагоните целосно уништени

Новинарот на весникот „Ел Паис“, Антонио Хименез Абарка, кој се наоѓал во возот на компанијата „Ренфе“, за радиото „Кадена СЕР“ раскажал дека во моментот на несреќата бил во вагон со кафуле и дека ја удрил главата. Кога излегол, го затекнал првиот вагон целосно уништен. Особено го потресла глетката на човек кој завршил на седиште исфрлено од возот на околното земјиште.

Друг патник, Хесус, се присетил дека работел кога почувствувал нагло сопирање, по што неколку луѓе биле исфрлени од своите седишта. Потоа патниците си помагале едни на други да излезат од возот, кој останал навален на пругата.

„Ова е апсолутно вонредна ситуација“, изјавил тој, нагласувајќи дека во сеќавањето му останале врежани сцените на припадниците на Цивилната гарда кои извлекувале тела, како и на млад човек кој одел со ампутирана рака.

„Луѓето врескаа, беше ужасно“

Едуарда, патничка која се наоѓала во возот на компанијата „Ирио“, за емисијата „Ој пор Ој“ раскажала дека мирно патувала со своите две мачки кога дошло до силно сопирање.

„Патував мирно, со моите две мали мачки покрај мене, а потоа следуваше многу силно сопирање и полетав нанапред заедно со седиштето“, раскажала таа.

Иако поминала без повреди и по несреќата била сместена во спортска сала, сцените на кои била сведок оставиле длабока трага врз неа.

„Имаше луѓе кои плачеа. Насекаде можеа да се видат мртви луѓе под возовите. Многумина не можеа да излезат, се слушаа врисоци… Ужас“, изјавила таа.

Додала дека никогаш нема да ги заборави врисоците на луѓето во паника, ниту сцените што ги видела откако излегла од возот.

„Видов маж на кој му се гледаа само нозете, додека возот беше врз него. Видов луѓе со тешки повреди на лицето и мртви луѓе“, раскажала потресената патничка.

„Ударот беше страшен“

Меѓу патниците во еден од возовите што учествувале во несреќата бил и Роберто Гомез, новинар на радиото „Онда Серо“ и емисијата „Радиоестадио“.

Тој го опишал ударот како исклучително силен, а од возот успеал да излезе низ прозорец. Според неговите зборови, вагонот на возот „Ирио“ бил уништен и паднал по насипот. Еден патник паднал врз него и имал тешка повреда на главата, додека други се здобиле со силни удари во пределот на градниот кош и ребрата.

Патниците се обидувале да им помогнат на повредените, додека низ уништениот вагон биле расфрлани куфери и багаж.

Гомез ја опишал ситуацијата како хаотична и исклучително тешка. Навел и дека вагонот бил изгорен, но дека патниците од неговиот дел на возот успеале да излезат.

Според неговото сведоштво, возот пред да го продолжи патувањето стоел неколку минути, а до судирот дошло десетина до петнаесет минути подоцна.

Градоначалникот на Лос Јебенес, Хесус Перез Мартин, во изјава за радиото „Кадена СЕР“, ги пренел информациите што ги добивал од службениците на местото на несреќата.

„Ова е вистинска трагедија“, изјавил тој, опишувајќи ги сцените од местото на несреќата како ужасни.

Текстот „Луѓето плачеа, многумина не можеа да излезат“ – преживеаните раскажуваат за судирот на возовите во Шпанија е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top