32-годишен маж ја запалил својата куќа за да избега по две децении злоупотреба од неговата маќеа, која го затворила кога имал 11 години и го изгладнувала до тој степен што тежел само 29 килограми.
Неименуваниот маж кој ја обвини својата маќеа Кимберли Саливан дека го држела како заробеник во нивниот дом во Конектикат две децении и го злоставувала на различни начини, проговори јавно за прв пат по неговото драматично спасување во февруари, кога намерно запалил оган во својата соба.
Саливан беше ослободена со кауција од 300.000 долари откако се изјасни за невина по сите обвиненија против неа, вклучувајќи киднапирање од втор степен и незаконско ограничување од прв степен. Таа беше обвинета и за суровост кон лицето и небрежно загрозување од прв степен.
„Ве молам викајте ме ‘С’. Ова не е името што ми го дадоа моите родители кога се родив, си бирам ново име и ќе го користам тоа име додека ја преземам контролата врз мојот живот и иднина“, ја започнал својата изјава човекот.
„Моето име е мој избор и тоа е првиот од многуте избори што ќе ги направам за себе сега кога сум слободен. Преживеав повеќе од 20 години затвор и злоупотреба во моето семејство. Бев затвореник во мојата куќа од моментот кога бев изнесен од четврто одделение на 11-годишна возраст, па сè до пред два месеци на 31-годишна возраст, кога намерно го подметнав пожарот што ми помогна да се ослободам“, рече тој повторувајќи ја својата изјава дадена во полицијата, пренесуваат светските медиуми.
„Денес зборувам за да го започнам процесот на враќање на мојот живот и да ја раскажам мојата приказна. Многу сум подобар и посилен отколку што бев денот кога првпат ме извадија од мојот дом. Исклучително сум благодарен за грижата што ја добив оттогаш“, рече тој и им се заблагодари на здравствените работници за нивната помош.
Потоа додаде: „Освен сите ваши грижи, среќен сум што имам можност да го прославам мојот роденден за прв пат, а тоа е мојот 32 роденден“
Човекот потоа им се заблагодари на првите реагирачи, на полицијата и „сите што работат на тоа одговорните за мојата злоупотреба да бидат повикани на одговорност“.
„Многу е веќе кажано за злоупотребата што ја претрпев. Еден ден, можеби целата моја приказна ќе биде раскажана. Ги молам сите вклучени во мојата приказна целосно да соработуваат со властите кои ми помагаат да барам правда за овие злосторства. Исто така, ги молам јавноста и медиумите да ги почитуваат овие истраги и мојата приватност додека се одвива овој процес. Ова не е само приказна. Ова е мојот живот“, заклучи тој.
Маќеата Кимберли Саливан инсистираше дека не го злоставувала својот посинок, и покрај обвинувањата што тој ги изнесе против неа.
„Нејзината страна од приказната е доста едноставна“, изјави нејзиниот адвокат Лонис Калоидис за „Фок њуз дитигал“ минатата недела.
„Таа не му наштети, не го затвори. Ова беше екстремен шок за неа. Таа живееше релативно мирен живот“, продолжи адвокатот, додавајќи дека неговата клиентка „сфаќа дека, со оглед на овие обвинувања, остатокот од нејзиниот живот е во прашање“ и дека „се надева дека ќе биде ослободена од обвинението за клевета преку судскиот процес“.
„Мојот клиент категорично негира дека имало какво било затворање“, рече Калоидис. „Што се однесува до целата историја, очекувам многу работи да излезат на виделина за време на судењето, се надевам, бидејќи мислам дека тоа е соодветното место за објавување на какви било дополнителни информации.“
„Истражителите дополнително открија дека му биле давани само минимални количини храна и вода, што довело до неговата екстремно неухранета состојба“, се додава во полициското соопштение.
Човекот наводно им кажал на властите дека неговата маќеа му давала само две чаши вода дневно и дека понекогаш бил принуден да пие од тоалет. Исто така, било утврдено дека тој „не добилвал медицинска или стоматолошка нега“ во текот на неговите две децении во домот.
Исто така, наводно го извлекла од училиште во четврто одделение и не му дозволувала да ја напушти собата освен за да извршува домашни работи или да го пушти кучето надвор, поминувајќи околу 10 часа на ден заклучен во собата.
Тој понатаму им рекол на полицајците дека немал никаков контакт со никого надвор од домот и дека последниот пат кога ја напуштил куќата бил со неговиот сега починат татко кога имал 14 или 15 години. Тој додаде дека само неговите две полусестри и неговата баба, која подоцна починала, знаеле за неговата ситуација.
Тој рече дека стравот од губење на минималната количина храна и вода што ја добивал, како и тоа што можел да биде затворен уште подолго, го спречиле да се обиде да избега.
Како резултат на неговата изјава, истражителите заклучија дека жртвата била принудена да издржи „продолжена злоупотреба, гладување, тешка занемареност и нехуман третман“, што довело до издавање налог за апсење на Кимберли Саливан.
Текстот Маж бил 20 години затворен и злоупотребуван од маќеата: ја запалил куќата за да побегне од заробеништво во САД е превземен од МАКФАКС.