Мароко: Дезинформациите на социјалните мрежи го поттикнаа масовниот бран мигранти кон Сеута

Мароко: Дезинформациите на социјалните мрежи го поттикнаа масовниот бран мигранти кон Сеута

пред 4 часа

Мароканските власти соопштија дека 11 лица загинале минатата недела при обидите да влезат во шпанската енклава Сеута. За масовниот прилив на мигранти, кој прерасна во дипломатски спор во рамките на Европската Унија, мароканското Министерство за внатрешни работи ги обвини дезинформациите што се ширеле на социјалните мрежи.

Бројките што ги соопштува Мароко значително се разликуваат од шпанските податоци, според кои загинале најмалку 72 лица, пренесува France 24.

Портпаролот на мароканското Министерство за внатрешни работи, Рашид Ел Калфи, изјави дека од 11-те загинати, десетмина се удавиле, а едно лице загинало по пад од карпа.

Тој најави дека Мароко ќе соработува со Шпанија за да се утврди точниот број на жртвите и да се идентификуваат телата пронајдени на шпанска територија.

За разлика од официјалните марокански податоци, шпанските власти тврдат дека загинале најмалку 72 лица. Во меѓувреме, Мароканската асоцијација за човекови права (AMDH) наведува дека има „речиси 130 жртви“, како и десетици исчезнати.

Министерството за ненадејниот прилив на илјадници луѓе ги обвини „злонамерната злоупотреба“ на социјалните мрежи и „ширењето дезинформации“.

Како втора причина беше наведено „погрешното толкување на законските одредби“, што се однесува на пресудата на шпанскиот Врховен суд од 8 јули.

Со таа пресуда беше утврдено дека мигрантите кои пристигнуваат по морски пат не треба да бидат враќани во матичните земји по истата забрзана постапка што важи за останатите.

Според официјалните податоци на мароканското Министерство за внатрешни работи, регистрирани се околу 40.000 обиди за нелегален премин во Сеута.

Дополнителни 1.135 лица се обиделе да влезат во другата шпанска енклава, Мелиља, но веднаш биле вратени на мароканска територија.

Шпанија, пак, тврди дека во изминатите денови во Сеута успеале да влезат повеќе од 60.000 луѓе, но најголемиот дел од нив во меѓувреме се вратиле во Мароко.

Од Министерството за внатрешни работи потврдија дека обвинителството покренало официјална истрага за целиот случај.

Текстот Мароко: Дезинформациите на социјалните мрежи го поттикнаа масовниот бран мигранти кон Сеута е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top