Мета и Гугл обвинети за штетно влијание врз менталното здравје на децата

Мета и Гугл обвинети за штетно влијание врз менталното здравје на децата

пред 5 часа

Гугл и Мета на Марк Закерберг се обвинети дека намерно ги прават своите платформи зависни за децата и со тоа го оштетуваат нивното ментално здравје.

Извршниот директор на Мета, Марк Закерберг, се појави вчера на суд во Лос Анџелес, каде што сведочеше на судење кое ја стави неговата компанија во центарот на вниманието поради штетните ефекти на социјалните медиуми врз децата.

Жена од Калифорнија, која ги користела Инстаграм на Мета и Јутјуб на Гугл, изјави дека апликациите ѝ ја поттикнувале депресијата и самоубиствените мисли.

Тужителот почнал да го користи Јутјуб на шестгодишна возраст, Инстаграм на 11-годишна возраст, а потоа „Тик-ток“ и Снепчет. Овие последни две платформи веќе постигнале договор за компензација со жената.

Тужбата ги обвинува компаниите дека се обидуваат да ги „привлечат“ децата во своите услуги, иако биле свесни за негативните последици по менталното здравје што би можеле да ги предизвикаат.

Во центарот на спорот е прашањето дали социјалните мрежи предизвикуваат зависност кај децата.

Мета и Гугл ги негираа обвинувањата, а Мета се повика на студија на Националните академии на науките која не открила никаков ефект на социјалните медиуми врз менталното здравје на децата.

Доколку Мета го изгуби случајот, ќе мора да му плати отштета на тужителот, а таквата пресуда би имала влијание врз кредибилитетот на компаниите за социјални мрежи во време кога сè повеќе влади низ целиот свет ги забрануваат овие апликации за деца под 16 години, пренесуваат медиумите.

Зборувајќи пред судот, Закерберг рече дека жали што неговата компанија бавно ги препознавала корисниците под 13 години на Инстаграм. Додаде дека во меѓувреме се направени подобрувања.

– Би сакал да го постигнавме тоа порано – рече тој.

Минатата недела, на судењето сведочеше и шефот на Инстаграм, Адам Мосери, категорично отфрлајќи го концептот на зависност од социјалните мрежи.

Забраната за социјални медиуми за деца под 16 години веќе стапи на сила во Австралија.

Во Франција, законот што предвидува забрана на социјалните мрежи за корисници под 15 години е во парламентарна процедура. Во меѓувреме, се очекува Советот на министри на Шпанија да одобри слична забрана за корисници под 16 години и да ја испрати во парламентот.

Германскиот канцелар Фридрих Мерц вчера објави дека би бил отворен за разгледување на таква забрана.

Норвешка, Грција, Обединетото Кралство, Данска, Италија и Холандија се меѓу многуте европски земји кои дебатираат за некаков вид забрана.

Текстот Мета и Гугл обвинети за штетно влијание врз менталното здравје на децата е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top