Москва: Не постојат преговори со Вашингтон за Украина, само контакти

Москва: Не постојат преговори со Вашингтон за Украина, само контакти

пред 5 часа

Секој мировен план за Украина ќе мора да ги елиминира корените на конфликтот, изјави портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, пренесе „Ројтерс“.

Тој посочи дека иако имало контакти со САД, во моментов нема преговори со Вашингтон за таков план.

Претходно денес, две лица запознаени со прашањето открија дека САД му сигнализирале на претседателот Володимир Зеленски дека Украина треба да прифати рамка подготвена од Вашингтон за завршување на војната со Русија, во која се предлага Киев да се откаже од територија и дел од оружјето.

„Аксиос“, кој прв објави за планот од 28 точки , објави дека Украина и Европа ќе добијат безбедносна гаранција од САД во замена за тоа Киев да ѝ отстапи делови од источна Украина на Русија кои моментално не се под контрола на Москва.

Песков појасни дека нема што да додаде на она што беше кажано на августовскиот самит во Анкориџ, Алјаска, меѓу рускиот претседател Владимир Путин и американскиот лидер Доналд Трамп.

„Не можеме да додадеме ништо ново на она што беше кажано во Анкориџ“, истакна тој, додавајќи дека нема формални консултации или преговори со САД за мировен план за Украина.

„ Како такви, консултациите во моментов не се во тек. Секако, има контакти, но нема процес што би можел да се нарече консултации “, објасни Песков.

На прашањето дали Путин бил информиран за „мировниот план од 28 точки“, Песков одговори: „Немам што да додадам на она што веќе го кажав“.

„Спогодбата мора да доведе до елиминирање на коренските причини за овој конфликт“, нагласи тој.

Путин ја претставува војната како пресвртница во односите на Москва со Западот, за кој вели дека ја понижил Русија по падот на Советскиот Сојуз во 1991 година со проширување на НАТО и посегнување по она што тој го смета за сфера на влијание на Москва, вклучувајќи ги Украина и Грузија.

Рускиот лидер побара Украина да се откаже од својата амбиција да се приклучи на Алијансата, да се прогласи за неутрална земја и да ги ограничи своите вооружени сили.

Поранешниот американски претседател Џо Бајден, западноевропските лидери и Киев ја опишаа војната во Украина како грабеж на територија во империјален стил и постојано ветуваа дека ќе ги поразат руските сили.

Текстот Москва: Не постојат преговори со Вашингтон за Украина, само контакти е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top