Најмалку пет лица загинаа откако товарен авион кој летал за „Амазон“ при слетување излетал од пистата на аеродромот во Мајами и удрил во неколку возила на земја.
Авионот на летот 7598 на „Амазон прајм ер“ излетал од пистата нешто пред 14 часот по локално време. Во несреќата се повредени уште пет лица, од кои три се во критична состојба.
Најмалку две лица останале заглавени во возилата во кои удрил авионот, додека пилотот и копилотот биле заробени во леталото по несреќата. Засега не е објавен идентитетот на загинатите.
На местото биле испратени повеќе од 60 спасувачки екипи и околу 200 припадници на итните служби. По несреќата било регистрирано и истекување гориво од авионот.
Аеродромот веднаш ги прекинал сите летови и ги затворил пистите, а до вечерта повторно биле отворени две од вкупно четирите писти.
Според американската Федерална управа за воздухопловство (ФАА), станува збор за „Боинг 767-300“, кој полетал од Сан Хуан во Порторико. Со авионот за „Амазон“ управувала товарната авиокомпанија „21 Ер“.
Од „Амазон“ соопштија дека соработуваат со локалните власти за да се утврди што точно се случило и дека приоритет им е безбедноста и грижата за сите вклучени во несреќата.
ФАА најави истрага за причините за несреќата.
Текстот Најмалку петмина загинаа откако товарен авион излета од писта во Мајами и заврши на улица е превземен од МАКФАКС.





