Петмина припадници на племенската милиција и шестмина локални жители биле убиени во напад на пункт во близина на ирачката престолнина Багдад. Нападот го извела терористичката група ИСИС, пренесе Франс прес повикувајќи се на безбедносни извори.
Нападот се случил во областа Ал-Радхванија доцна во неделата, кога милитантите се обиделе да ја преземат контролата над наб људувачкиот пинкт со поглед кон предградијата западно од Багдад, објави агенцијата.
Милитантите ја нападнале кулата со четири возила, напаѓајќи го пунктот со гранати и отворајќи оган врз припадниците на племенските сили „Хашед“, поврзани со ирачката влада. Пресметката очигледно ги поттикнала локалните жители да помогнат во одбраната.
„ИСИС ја нападна кулата за набљудување, убивајќи пет члена на „Хашед“ и шест цивили кои беа дојдени да помогнат да се одвратунападот“, изјави безбедносен извор.
Освен 11-те лица кои беа убиени во нападот, осум други се повредени и пренесени во болница, информираат здравствените власти. Ирачката армија и полицијата почнаа потера по напаѓачите, објави Ројтерс повикувајќи се на свои извори.
Местото на нападот се наоѓа на околу 22 км јужно од меѓународниот аеродром во Багдад.
Ирачката влада прогласи победа над Исламска држава (ИД, поранешна ИСИС) уште во декември 2017 година по три години жестоки борби со самопрогласениот „калифат“, кој зазеде околу една третина од ирачката територија во 2014 година.
Иако до крајот на 2017 година ирачката влада успеа да ги поврати териториите што некогаш ги држеа џихадистите, окупацијата од страна на милитантите и кампањата за бомбардирање од коалицијата предводена од САД остави трага на уништување. Северниот град Мосул , некогаш дом на околу 1,8 милиони луѓе, е претворен во куп урнатини и стана симбол на пустошот што го претрпе ирачкиот народ откако беше „ослободен“ од меѓународната коалиција заедно со ирачката војска во јули 2017 година.






