Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху денес изјави дека Иран се обидува да ги обнови своите ракетни и нуклеарни капацитети кои беа оштетени за време на војната во јуни оваа година.
„Ги вративме значително назад во обете области, но да, тие ќе се обидат да ги обноват своите ракетни и нуклеарни капацитети. Мислам дека вистинскиот проблем со Иран е што треба да го прифатат фактот дека не треба да имаат капацитет за нуклеарно збогатување“, рече Нетанјаху во интервју за американскиот „Фокс њуз“.
Според него, Техеран треба да го извади целиот материјал што веќе го збогатил, односно да го изнесе од Иран и да спроведе инспекции.
„Не бараме ескалација, се надевам дека ниту тие нема да го сторат тоа, но ако го сакаат тоа, сè е можно“, додаде премиерот на Израел.
Зборувајќи за Хамас, Нетанјаху рече дека палестинското милитантно движење мора да ги предаде сите свои оружја и инфраструктура на тунели за да може мировниот план на Вашингтон за Газа да продолжи.
„Хамас вети дека ќе се разоружа, но одбива да го стори тоа“, рече Нетанјаху.
Премиерот на Израел додаде дека Хамас сè уште има околу 20.000 луѓе со калашникови, кои „периодично ги користат за егзекутирање на секој што не сака нивната тиранија да продолжи“.
„Тие имаат вкупно 60.000 пушки АК. Тоа е она што значи разоружување. Мора да ги земат сите тие пушки, да ги однесат и да ги разбијат тие терористички тунели што ги имаат. Сè уште има стотици километри терористички тунели. Хамас одбива да го стори тоа“, вели тој.
На прашањето дали верува дека втората фаза од планот за Газа може да се постигне дури и ако Хамас не е подготвен да се разоружа, Нетанјаху рече дека смета дека мора да се даде шанса.
„Постои обид да се доведат меѓународни сили. Досега тоа не вроди со плод, но ќе му дадеме шанса. Бидејќи ако може да се направи на полесен начин, во ред. А ако не, ќе се направи на друг начин“, заклучи премиерот на Израел, објави Танјуг.
Текстот Нетанјаху: Хамас не е разоружан, а Иран се обидува да ги обнови своите нуклеарни капацитети е превземен од МАКФАКС.






