Нов Зеланд ќе користи само вакцини од „Фајзер“ за да го имунизира своето население против коронавирусот, откажувајќи се од претходните планови за употреба на четири различни вакцини, изјави денеска премиерката Џасинда Ардерн.
Објавувајќи ја стратегијата, премиерката изјави дека одлуката е донесена врз основа на ефективноста на вакцината на „Фајзер“
Таа рече дека ќе биде полесно и „пофер“ за сите Новозеланѓани да имаат пристап до истата вакцина.
Сепак, стратегијата за борба против короната може да биде забавена со доцнењето во добивањето одобренија за вакцини. Досега, медицинските регулатори на Нов Зеланд ја одобрија само вакцината на „Фајзер“ и разгледуваат уште две вакцини.
Ардерн рече дека Нов Зеланд набавил 10 милиони дози вакцина од „Фајзер“, што е доволно за да се вакцинираат пет милиони жители со потребните две дози. Таа рече дека повеќето вакцини треба да пристигнат во Нов Зеланд во втората половина на годината.
Досега, само неколку илјади луѓе се вакцинирани во Нов Зеланд. Земјата го запре ширењето на вирусот во заедницата и имунизацијата не се смета за итна како во многу други земји.