Бранот протести што зафати неколку европски земји, од Франција и Италија до Албанија, Белгија, Португалија и Шпанија, предизвика загриженост и во Германија. Германските медиуми предупредуваат дека незадоволството на младите, зголемувањето на трошоците за живот и намалувањето на можностите за образование и вработување може да доведат до нови социјални конфликти низ цела Европа.
Додека во некои земји демонстрациите се мирни, во Франција, Италија и Албанија протестите се придружени со насилство, палење згради и грабежи на продавници, објавува Дојче Веле (DW).
Германските медиуми се особено загрижени за настаните во Франција, каде што протестите траат со недели, а насилството дополнително ги продлабочи политичките и социјалните поделби пред претседателските избори во 2027 година.
Весникот „Ноје Пресе“ проценува дека долгогодишните социјални проблеми стојат зад насилството во Франција, особено во посиромашните предградија на големите градови.
„Недостаток на перспектива во многу предградија, стигматизација од страна на полицијата или работодавците кои ги одбиваат кандидатите со арапски имиња или оние кои доаѓаат од одредени населби – сето ова се толерира со децении“, наведува весникот.
Сепак, тој нагласува дека ваквите проблеми не можат да бидат оправдување за насилство.
„Ова во никој случај не го оправдува уништувањето и грабежите минатиот викенд. Владата мора да ги санкционира ваквите дејствија, но во исто време мора да се бори против подлабоките причини за неконтролиран гнев ако сака да ја прекине спиралата на насилство.“
Весникот „Märkische Oderzeitung“ предупредува дека Франција повторно се соочува со насилство во време на голема политичка неизвесност.
Според тој весник, политичката левица и другите групи го користат незадоволството на граѓаните за свои цели, додека земјата се приближува кон претседателските избори без јасен кандидат на политичкиот центар кој би можел да постигне значителен успех.
Весникот верува дека политичките поделби би можеле дополнително да ја зајакнат екстремната десница предводена од Марин Ле Пен и радикалната левица претставена од Жан-Лук Меланшон.
„Ова е навестување за тоа што ги очекува Европа и Западот“
Германското списание „Цицеро“ издава уште подраматично предупредување, оценувајќи дека насилството во Франција може да биде предвесник на пошироки социјални превирања.
„Овие изливи на насилство се навестување за тоа што ја очекува цела Европа и Западот ако продолжи слабеењето и распаѓањето на врските што ги држат западните општества“, наведува „Цицеро“.
Списанието тврди дека опасноста ја претставуваат не само насилните групи на улиците, туку и оние кои, според него, поттикнуваат агресија и социјални конфликти повикувајќи се на исламистички, крајно левичарски и антизападни идеи.
Германските медиуми го поставуваат прашањето дали незадоволството на младите би можело да прерасне во масовни демонстрации во самата Германија.
Весникот „Бадише Цајтунг“ предупредува дека, иако мнозинството млади луѓе досега мирно протестираат, незадоволството расте.
„Многу млади луѓе се лути. Дури и во Германија. Тие се лути затоа што нивните можности за квалитетно образование и добра работа се намалуваат. Затоа што нема да го достигнат животниот стандард на своите родители“, наведува весникот.
Тој додава дека младите луѓе сè повеќе имаат чувство дека политичарите не ги слушаат, додека радикалните идеи стануваат сè попривлечни за дел од помладата генерација.
„Тензиите растат. Сè повеќе млади луѓе се привлечени од радикални идеи. Крајно време е да разговараме едни со други повеќе“, предупредува „Бадише Цајтунг“.
Социологот Клаус Хурелман, кој учествуваше во истражувањето „Млади во Германија 2026“, изјави за „Вестдојче Алгемајне Цајтунг“ (ВАЦ) дека протестите во различни европски земји имаат заедничка кауза, и покрај различните непосредни причини.
„Препознавам заедничка позадина: длабокото разочарување на помладата генерација од сопствената позиција во општеството и перспективите за иднината. Во некои земји, тоа разочарување веќе се претвори во отворен гнев“, рече Хурелман.
Според него, младите луѓе сè повеќе веруваат дека политиката не ги сфаќа сериозно нивните проблеми, додека образованието, вработувањето и самостојниот живот стануваат сè понеизвесни и скапи.
На прашањето зошто во Германија сè уште нема масовни протести како оние во Франција, Хурелман одговара дека истражувањата јасно покажуваат дека „под површината врие“.
Тој објаснува дека незадоволството на германската младина во моментов главно се манифестира преку политичкиот систем, особено преку растот на интересот за левицата и десничарската Алтернатива за Германија (AfD).
„Овие две партии, на многу различни начини, привлекуваат млади луѓе кои сметаат дека традиционалните политички опции повеќе не ги претставуваат доволно“, рече социологот.
Текстот „Ова е навестување за тоа што го очекува целиот Запад“: Германските медиуми за протестите низ Европа е превземен од МАКФАКС.




