„Ова е целосна збрка за целиот свет“, велат експерти за новите царини на Трамп

„Ова е целосна збрка за целиот свет“, велат експерти за новите царини на Трамп

пред 6 часа

Одлуката на Доналд Трамп да ја зголеми царината на американскиот увоз на 15 отсто дополнително ја зголемува глобалната нестабилност на пазарите, оценува американскиот дописник на Sky News, Марк Стоун.

„Мислам дека владите ширум светот веќе се исцрпени од постојаните промени за тоа колкави царини треба да плаќаат, а потоа тие стапки повторно се менуваат“, вели Стоун.

Според неговите зборови, во последните 24 часа Трамп и неговиот тим се обидувале да најдат други правни начини за воведување царини по одлуката на Врховниот суд, при што стапката се зголемила од 10 на 15 отсто. Стоун предупредува дека обидите за воведување царини по друг пат, по одлуката на Врховниот суд минатата недела, ќе предизвикаат „голема неизвесност“ за другите земји, од кои некои се во средина на преговори за трговски договори.

„Дали ќе продолжат со преговорите или ќе ги стопираат? Ова е целосна збрка за целиот свет“, заклучува Стоун.

Мерц: Постојаната неизвесност околу царините е отров

Германскиот канцелар, Фридрих Мерц, порача дека тесно ќе соработува со другите членки на Европската унија за да се усогласи заеднички став пред разговорите во САД.

„Во Вашингтон ќе патувам со усогласен европски став. Најголем отров за економиите на Европа и САД е токму оваа постојана неизвесност околу царините. Таа неизвесност мора да престане“, рече Мерц пред новинарите, пренесува Reuters.

Кои царини ги укина Врховниот суд и зошто?

Одлуката на Врховниот суд на САД се однесува исклучиво на царините што Доналд Трамп ги воведе повикувајќи се на Законот за меѓународни вонредни економски овластувања (IEEPA).

Овој закон му дава на претседателот овластување да регулира трговија во вонредни ситуации. Трамп првпат го активирал во февруари 2025 година, кога воведе царини на стоки од Кина, Мексико и Канада, тврдејќи дека трговијата со фентанил од овие земји претставува вонредна состојба.

Неколку месеци подоцна, Трамп отиде чекор понатаму и воведе царини од 10 до 50 отсто на стоки од речиси сите земји во светот. Тој како „вонредна и необична закана“ го наведе американскиот трговски дефицит – фактот дека САД увезуваат повеќе отколку што извезуваат.

Врховниот суд пресуди дека правото за воведување нови даноци му припаѓа на американскиот Конгрес, а не на претседателот, и дека регулирањето на трговијата според IEEPA не подразбира собирање приходи преку нови давачки.

Сепак, дел од царините што Трамп ги воведе минатата година остануваат во сила, затоа што не се донесени врз основа на IEEPA. Ова вклучува секторски царини на челик, алуминиум, дрво и автомобили, воведени според друг закон – член 232 од Законот за трговско проширување од 1962 година, со образложение за заштита на националната безбедност.

Хронологија на настаните

– 20 јануари 2025 – Трамп положува заклетва за втор мандат како претседател на САД.

– 3 март 2025 – Воведува царина од 25% на увоз од Канада и Мексико.

– 2 април 2025 – Го прогласува „Денот на ослободувањето“ и воведува основна царина од 10% на речиси сите земји, со повисоки стапки за одредени држави.

– 9 април 2025 – Најавува 90-дневна пауза во примената.

– 14 април 2025 – Увозник на вино и други компании поднесуваат тужба против администрацијата пред Судот за меѓународна трговија на САД.

– 22 април 2025 – Други компании поднесуваат посебна тужба до федералниот суд, оспорувајќи ја законитоста на царините.

– 28 мај 2025 – Американскиот трговски суд пресудува дека царините на Трамп се незаконски.

– 29 мај 2025 – Федералниот суд издава привремена забрана за спроведување на царините, која останува на сила додека трае жалбениот процес.

– 9 септември 2025 – Врховниот суд ги обединува двете тужби.

– 5 ноември 2025 – Врховниот суд ги сослушува усните аргументи за законитоста на царините.

– 20 февруари 2026 – Врховниот суд со одлука 6:3 пресудува дека Трамп нема овластување да воведува царини без одобрение од Конгресот.

– 21 февруари 2026 – Трамп објавува воведување на глобални царини од 15%.

Текстот „Ова е целосна збрка за целиот свет“, велат експерти за новите царини на Трамп е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top