„Опен АИ“ под нова истрага во САД поради „Чат ГПТ“

„Опен АИ“ под нова истрага во САД поради „Чат ГПТ“

пред 3 часа

Коалиција на американски јавни обвинители отвори истрага против „Опен АИ“, компанијата што стои зад популарната апликација „Чат ГПТ“, објави „Волстрит журнал“, повикувајќи се на извори запознаени со случајот.

Компанијата во петокот добила судски налог со кој се бара да достави документи поврзани со широк спектар на нејзините активности и нивното влијание врз корисниците. Меѓу другото, се бараат информации за рекламирањето, задржувањето на корисници, како и управувањето со кориснички и здравствени податоци.

Според извештајот, налогот испратен од јавната обвинителка на Њујорк опфаќа и барања за информации за активности поврзани со малолетници и постари лица, моделите за длабоко учење и внатрешните политики на компанијата.

Истрагата е најновиот правен предизвик за „Опен АИ“. Претходно, американската сојузна држава Флорида поднесе тужба против компанијата поради наводни измамнички практики на платформата „Чат ГПТ“.

Портпарол на „Опен АИ“ изјави дека вештачката интелигенција е нова и моќна технологија и дека компанијата секојдневно работи на одговорно користење на нејзините придобивки. Тој додаде дека сериозно ги сфаќаат загриженостите на обвинителите и дека ќе соработуваат со нивните канцеларии.

Веста за истрагата доаѓа кратко откако „Опен АИ“ поднесе барање за иницијална јавна понуда на акции (ИПО). Според изворите на „Волстрит журнал“, компанијата би можела да излезе на берза веќе во септември, со проценета вредност до еден билион долари.

Во меѓувреме, Канаѓанка во четвртокот поднела тужба против „Опен АИ“ и нејзиниот извршен директор Сем Алтман пред американски суд. Таа тврди дека „Чат ГПТ“ ја поттикнал нејзината ќерка да си го одземе животот. Според поднесената тужба, овие наводи се предмет на судска постапка и сè уште не се докажани.

Текстот „Опен АИ“ под нова истрага во САД поради „Чат ГПТ“ е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top