Осудени тинејџерите што го избодеа Келијан 27 пати во автобус во Лондон

Осудени тинејџерите што го избодеа Келијан 27 пати во автобус во Лондон

пред 1 ден

Двајца тинејџери се осудени на најмалку 15 години затвор за бруталното убиство на 14-годишниот Келијан Бокаса, кој беше избоден дури 27 пати со мачети во автобус во Лондон. Еден од напаѓачите, денес 16-годишен, се смеел додека му се изрекувала пресудата, пренесува „Скај њуз“. Убиството се случило на 7 јануари во Вулич, југоисточен Лондон. Убиците се идентификувани како Мосавар Зази (16) и Колин Чабиква (15).

Судијата Марк Лукрафт ги осуди двајцата на доживотен затвор, со можност за условен отпуст дури по 15 години и 110 дена. Тој истакна дека камерите за надзор забележале дека напаѓачите се смееле за време на нападот. Смртта на Келијан ја нарече „бесмислена загуба на уште еден млад живот“.

Мари Бокаса, мајката на убиениот Келијан, изјави дека убијците го уништиле нејзиниот цел свет. Себеси се опиша како „скршена душа на која ѝ се смени животот засекогаш оној ден кога животот на детето ѝ го одзеде друго дете“.

„Се прашувам што се случило со тие две деца што довело до толку страшен чин на насилство. Не можам да си замислам како некој може да биде толку гневен. Тоа што го направија е ужасно, и можеби никогаш нема да дознаам што ги натера на тоа“, рече таа. „Тој момент на насилство можеби траеше неколку секунди, но последиците се вечни.“

Келијан на денот на убиството се наоѓал на горниот кат од автобусот околу 14:30 часот, кога му се приближиле обвинетите со оружје. Обвинителот Том Литл изјави дека е јасно дека нападот не бил спонтан, туку планиран, и дека обвинетите знаеле дека Келијан се наоѓа во автобусот.

„Му се приближија и речиси веднаш двајцата извадија мачети и го нападнаа,“ рече судијата на рочиштето. „Избоден е вкупно 27 пати пред да излезат од автобусот.“ Итните служби пристигнале брзо, но Келијан починал кратко по пристигнувањето на лекарите.

Обвинетите ја признаа вината за убиство и за поседување оружје. Една од мачетите била фрлена во реката Темза, но полицијата подоцна ја пронашла.

Главната инспекторка Сара Ли упати сочувство до семејството на жртвата, откако обвинетите ја признаа вината.

„Бруталниот и бесмислен напад врз Келијан остави длабоки последици врз неговите пријатели, пошироката заедница и сите што неуморно работеа на идентификување, апсење и процесуирање на виновниците. Се надевам дека семејството на Келијан ќе најде некаква утеха во оваа пресуда, но знам дека остануваат длабоко нажалени – бидејќи изгубени се три млади животи“, изјави таа.

Текстот Осудени тинејџерите што го избодеа Келијан 27 пати во автобус во Лондон е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top