Бајден во обраќање до нацијата: Ќе бидам претседател кој не гледа црвени или сини, туку само обединети држави

пред 3 години

Новоизбраниот американски претседател Џо Бајден и се обрати на нацијата откако американските медиуми ја прогласија неговата победа.

Камала Харис, новата потпретседателка прва се појави на сцената. Таа ги поздрави сите собрани и им се заблагодари.

„За демократијата треба да се бориме затоа што ние луѓето имаме моќ да ја градиме својата иднина“, рече Харис.

„Ви благодариме што ја направивте можна оваа победа. Нашата нација им должи благодарност и на оние што ги броеја гласовите. Вие ја зачувавте американската демократија. Ви благодариме што гласавте во рекорден број и се заложивте за тоа вашиот глас да се чуе. Имаше солзи и горчина, но успеавме”, порача Харис.

„Знам дека времево носи големи предизвици, особено последните неколку месеци кои се исполнети со болка, страдање. Но, вие избравте надеж, наука и вистина. Го избравте Џо Бајден за следен претседател на САД!“, рече Харис во своето обраќање.

Бајден излезе пред толпата со песна од Брус Спрингстин. Тој ги поздрави сите собрани и рече:

„Драги мои Американци, луѓето во оваа земја го кажаа своето и ни донесоа убедлива победа со најмногу гласови досега, дури 74 милиони. Почестен сум од довербата што ми ја дадовте. Јас ќе бидам претседател кој не дели, туку обединува. Кој не гледа црвени или сини држави, туку само обединети држави“, рече Бајден.

Тој повтори дека влегол во трката за Белата куќа за да ја врати душата на Америка и дека Америка ќе биде повторно почитувана во светот. Бајден не пропушти да ја спомене и неговата сопруга Џил.

„Јас сум сопруг на Џил и не би бил тука без неа. Таа ќе биде одлична прва дама”, рече Бајден, заблагодарувајќи и се на Камала Харис. Тој посочи дека таа е првата Афроамериканка, првата жена и првата личност со азиско потекло што ја зазема потпретседателската позиција и дека е доказ дека ништо во Америка не е невозможно.

Тој исто така им се заблагодари на оние што овозможија овие избори да се одржат среде пандемија.

На приврзаниците на Трамп им порача дека разбира како се чувствуваат затоа што тој самиот неколку пати бил неуспешен и ги повика да ја прекинат поделбата. Бајден ја започна својата политичка кариера во Сенатот пред половина век и по неуспешните обиди за освојување на Белата куќа во 1988 и 2008 година, овие избори беа негова трета среќа.

Иако Трамп продолжува силно да се спротивставува на какво било споменување на изборниот пораз во јавноста и вчера упати соопштение во кое најави судска битка, функционер од Белата куќа вели дека претседателот сепак ќе ги прифати резултатите.

„Претседателот ќе ги прифати резултатите од слободните и фер избори“, изјави претставникот за американските медиуми.

 

Share
Scroll to Top