На граничните премини во Австрија, војниците кои ги контролираат епидемиолошките мерки, односно документи како што се негативен тест за коронавирус или потврда за вакцинација од среда, сè повеќе се соочуваат со нудење мито од патниците кои сакаат да влезат во земјата без тие документи.
На главниот премин од Унгарија во Австрија, Никелсдорф, за 24 часа дури осум лица кои немале негативен тест се обиделе да ги поткупат војниците за да ги пуштат во земјата.
Тие им понудиле на војниците 10, 20 и 50 евра само за да ги пуштат во Австрија без потребните документи.
Негативните тестови за коронавирус сега се бараат повеќе од кога и да е, бидејќи тие се „билети“ не само за земјата, туку и за ресторани, хотели, фитнес-центри, базени …
Поради тоа тестовите се барани и на црниот пазар, а војниците на границите на Австрија скоро секој ден се соочуваат со фалсификувани документи, наведуваат од командата на Австриската армија.