Пленковиќ: Очекуваме напредок од Црна Гора во решавањето на клучните прашања

Пленковиќ: Очекуваме напредок од Црна Гора во решавањето на клучните прашања

пред 1 час

Премиерот на Хрватска, Андреј Пленковиќ, во пресрет на неформалниот самит на ЕУ, во Даблин се сретна со претседателот на Европскиот совет, Антонио Коста, и со претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен. Тие разговараа за проширувањето на ЕУ и за амбицијата на Црна Гора да ги заврши преговорите за пристапување до крајот на оваа година.

„Разговаравме за политиката на проширување на ЕУ. Хрватска ја поддржува европската перспектива на соседните земји и се залага за продолжување на процесот на проширување врз основа на индивидуалните заслуги, спроведувањето на реформите и исполнувањето на сите критериуми за членство“, објави Пленковиќ на платформата X.

Тој додаде дека конкретно разговарале за Црна Гора и нејзината амбиција да ги заврши преговорите до крајот на 2026 година.

„Ја појаснив позицијата на Хрватска, која остана конструктивна во текот на целиот процес на пристапување на Црна Гора. Досега поддржавме затворање на 23 преговарачки поглавја. Очекуваме црногорските власти да постигнат напредок во решавањето на прашањата поврзани со почитувањето на европските вредности и принципите на добрососедските односи, во рамките на поглавјата 23 и 31. Во тој поглед, клучна е политичката волја од црногорска страна“, изјави Пленковиќ.

Во средината на минатиот месец, Хрватска официјално достави листа од осум барања до земјите-членки на Европската унија и до Црна Гора, барања што Подгорица мора да ги исполни пред завршувањето на преговорите и пристапувањето кон ЕУ.

Од овие осум барања, две се веќе исполнети, додека преостанатите шест сè уште треба да се реализираат. Шест од барањата спаѓаат во Поглавјето 23 (Правосудство и основни права), а две во Поглавјето 31 (Надворешна, безбедносна и одбранбена политика).

Текстот Пленковиќ: Очекуваме напредок од Црна Гора во решавањето на клучните прашања е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top